Да се делува кон јавната перцепција за мигрантите во Македонија со оглед дека сè уште постои високо ниво напредрасуди, да се запре нелегалната депортација на бегалците од страна на надлежните органи и да се работи на заштита на основните човекови права на бегалците кои треба да се почитуваат од страна на институциите и од граѓаните. Ова се дел од препораките истакнати во извештаите направени во рамки на проектот „Помош на рутата- поттикнување на заштитата на човековите права на мигрантите што поминуваат низ Македонија и Србија“ чија главна цел е посилна промоција и заштита на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил, кои минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира „Фондацијата Ана и Владе Дивац“, а партнерска организација во Македонија е Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Препораките се базирани на деталните извештаи за јули, август, септември и октомври, 2017 година, подготвени од страна на Хелсиншкиот комитет и наодите од набљудувања на 5 граѓански организации. Во нивдополнително се истакнува дека мора да се работи и на: зголемена супервизија на малолетниците без придружба во двата транзитни кампа, a при трансферирањето на бегалците од една во друга земја да се почитуваат правните процедури за соработка со надлежните органи во соседната држава.
– Полицијата и безбедносните служби не смеат да прават систематски претрес на личните предмети на мигрантите и на нивните мобилни телефони. Претресите мора да се на правна основа и врз основани сомнежи за криминални активности. Мора да се стави крај и на нелегалното, групно враќање на мигрантите од границите. Тоа претставува прекршување на основните човекови права и слободи на мигрантите и е нехуман третман. Сите процедури на враќање на бегалците мора да се во согласност со човековите права и се реализираат во кооперација меѓу земјите – посочуваат од Хелсиншкиот комитет.
Сепак, генералниот став за состојбата во Македонија заклучно со октомври е дека е мирна иако сè уште има проблематични сегменти на кои мора да работи. Бројот на бегалци во двата транзитни кампови во Македонија, во Вунојуг и Табановце, е мал и тие најчесто се користат за пократки престои и мал е бројот на бегалци кои остануваат подолг период. Мигрантите кои се забележани како транзитираат низ Македонија во периодот на октомври се генерално од Пакистан додека помал дел доаѓаат од Сирија, Иран, Авганистан и Алжир.
– Во октомври забележано е зголемување на бројот на големи групи бегалци кои се пресретнати од полицијата на нелегалните рути низ земјата. Тие патуваат сами или со криумчари, и повеќето се лоцирани во јужниот дел на земјава. Во октомври има осум регистрирани случаи на поголеми групи кои се донесени во транзитниот камп во Гевгелија, со пет бегалци кои патувале во помали групи и 23 во поголеми групи. Речиси секој од нив веднаш бил вратен во Грција по кратко испрашување и регистрација. Им била понудена медицинска и хуманитарна помош во камповите во Гевгелија пред да бидатвратени во Грција – велат од Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во проектот „Помош на рутата- поттикнување на заштитата на човековите права на мигрантите што поминуваат низ Македонија и Србија“, заедно со Новосадски хуманитарен Центар и Здружение на самарјанските работници, кој е поддржан од Европската Унија Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски граѓански организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.