Заменик – министерот за здравство Илир Хасани, објасни дека полицискиот час ќе биде укинат за Велигден, ноќта сабота кон недела и за Рамазан 12 кон 13 мај за граѓаните да се чувствуваат слободно. Тој апелира и за празниците да се почитуваат мерките за носење маски, одржување растојание и дезинфекција.
„Ослобдувањето не е направено за да се собираме туку за да се чувствуваме слободни на овие свети верски празници што ни претстојат. Апелирам сите да ги почитуваме мерките на несобирање, односно одржување дистанца, хигиена и сите други мерки“, рече заменик – министерот Хасани.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека мерките ќе важат до завршување на празниците. Во зависност од состојбата нови мерки ќе се договараат по празниците.
„Се надевам дека нема да има изненадување, нема најава според бројките, но будно ја следиме ситуацијата. Еден од клучните фактори е одговорноста на граѓаните. Без разлика какви мерки важат за ограничување на движењето, маска и дистанца се задолжителни. Таму каде што се почитуваат овие мерки немаше проблеми. Имаше каде што не се почитуваат“, рече министерот Филипче.
Комисијата за заразни болести предлага од среда полицискиот час да се скрати и место во 20.00 часот да почне во 21 часот, да се отворат терасите на сите угостителски објекти, а за празниците Велигден и Рамазан да не важи полицискиот час. За овој предлог Владата ќе се изјасни утре.
Полицискиот час, годинава, беше воведен на 6 април откако се преполнија болниците, а дневните бројки на новозаболени поминаа 1000. Минатата недела, иако имаше благо намалување на притисокот во болниците, полицискиот час беше продолжен за една недела.