Хаос во Скопје: Бездомните кучиња се котат и хранат по гробови, граѓаните искасани

Од:

Хаос со бездомните кучиња му се случува на Скопје. Секоја населба, село, но и централното градско подрачје се преплавени од напуштените кучиња. Поради тоа што не се стерилизирани, што е обврска на ЈП „Лајка“, граѓаните се сведоци дека има експанзија и на нови кучиња. Според едно од сведоштвата, и гробиштата во Бутел се преполни окучени, со шуга и нетретирани кучиња. Има и дваесетина мали кутриња, кои спијат по гробовите и јадат од храната која верниците ја оставаат. Дополнително, помош добиваат од активистите.

Се повеќе револт има и од скопјани кои се нападнати од бездомни кучиња. „А1он“ се обиде за оваа состојба да добие став и од Радмила Пешева, в.д. директорка на „Лајка“, но таа не одговори на нашиот повик. Фотографиите до кои дојде „А1он“ дополнително потврдуваат дека состојбата со уличните кучиња во Скопје не е на завидно ниво. За состојбата се запознаени во „Лајка“, чија надлежност е заловувањето, кастрирањето, грижата за бездомните кучиња. Реакција до овој момент – нема.

Пријави за каснувања од кучиња може да се прочитаат и во дневните билтени на полицијата, по пријави во различни општини. Дел од граѓаните се револтирани и за нападите објавуваат на социјалните мрежи. Инструкторот по трчање Кокан Ајановски објави извештај од кој се гледа дека девојка од каснување на куче имала 4-5 рани и една поткожна од 4-5 сантиметри. Тој состојбата во Скопје ја оценува како небезбедна.

„Крајно небезбедно е  какво било движење, а да не зборуваме за трчање. На кеј и во парк никогаш немало повеќе. И не биле опасни. Еве чист доказ вечерва што ѝ се случи на една девојка од нашиот клуб. Во Градски парк одела пеш кон автомобилот паркиран веднаш до Градско собрание и ја нападнало куче, почнало да ја гризе насекаде по нозете и кон задникот, едвај се спасила. Секој ден кога трчаме на кејот и во паркот  водиме борба со нив, а да не зборуваме дека има и многу деца итн. Многу ги сакам животните, но ова што се случува веќе со години е крајно неприфатливо и не знам што треба да се случи за некој да преземе нешто и да се стави ред еднаш засекогаш. Срамота!“, пишува Ајановски.

Јавното претпријатие „Лајка“ беше основано во време кога со Град Скопје раководеше градоначалникот Петре Шилегов. Целта е хумано третирање на бездомни животни, односно кучиња, нивно заловување и враќање на локацијата од каде што се земени по нивна ресоцијализација. Исто така, во ова претпријатие се пријавуваат кучиња кои се агресивни, а најчесто, поради претходни трауми од тепање и малтретирање.

Би можело да ве интересира

Кучето кое вчера беше претепано во Скопје е во тешка состојба

Горан Наумовски

Американските пожарникари позираа со кученца за да соберат средства за нивно спасување

Предраг Петровиќ

ЈП Лајка: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња

Предраг Петровиќ

Две момчиња од Тетово организирале борба на кучиња – заработија пријави од полицијата

Маж во Сплит чувал волци и кучиња во нехумани услови

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

A1on