Хаос кај Пендаровски: Чулев му го врати обезбедувањето од Иванов

Од:

По укинувањето на наредбите од страна на техничкиот министер Наќе Чулев, утрово во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на работа се вратило обезбедувањето на Ѓорге Иванов, кое беше прераспределено во други одделенија на МВР, дознава „А1он“.

Тие се појавиле на работа со објаснување дека наредбите за нивна прераспределба се укинати и дека Чулев наредил да се вратат на работните места на кои биле претходно распределени согласно решенијата за работа. Во резиденцијата на Водно на работа дошло и обезбедувањето што го обезбедува Пендаровски откако тој дојде на функцијата претседател на државата.

„Бидејќи наредбите се укинати, водејќи се според решенијата кои ги имаме, ние мора да се вратиме на старите работни места“, велат извори од МВР за „А1он“.

Хаосот во МВР настанал откако министерот Наќе Чулев ги укина наредбите издадени од неговиот претходник Оливер Спасовски, преку телеграма испратена до сите едници, односно сектори во МВР и БЈБ.

„Се известуваат раководителите на организациските единици дека сите наредби издадени согласно одредбите од член 154 од Законот за внатрешни работи, а со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи од друга организациска единица различна од организациската единица во која работат, претстануваат да важат. Работниците е потребно да се вратат во работните места на кои се распоредени, согласно последното решение за распоредување“, пишува во наредбата потпишана од Наќе Чулев испратена во петокот.

Укинувањето на наредбите кое го направил Чулев донело хаос и во Министерството за внатрешни работи. Лицата кои работеле во единицата „Алфи“, која подоцна беше укината, а кои со потпис од Спасовски биле распределени во различни единици, не знаеле каде да се јават на работа со оглед на тоа што нивниот сектор повеќе не постои.

За овие случувања досега нема никаква реакција од Министерството за внатрешни работи.

Вакви наредби со години наназад и спротивно на законот се пракса во Министерството за внатрешни работи, иако секоја власт со доаѓањето на функцијата најавува дека ќе ги укине. Наместо тоа, тие само ја наследуваат праксата за прераспределба на кадрите кои ним им се подобни.

Би можело да ве интересира

Претепани две жени – тројца мажи им влегле со дрва и шипки во дворот, се заканувале со убиство и при апсењето

Тошковски за поништувањето на неговите наредби: Во влада се тотално неинформирани, како не им е срам

Орце Костов

Кривична за поранешен директор на Фондот за ПИОМ: Исплаќал плати на луѓе кои не доаѓале на работа

Горан Наумовски

МВР: Полицаец од Битола ја истепал невенчана сопруга и ја повредил

Налепниците НМК се одлепуваат – може да земете нови бесплатно, а ако ви се оштетат во странство на милост сте на граничарот

Анита Петровска Рајковиќ

Кривична пријава за полициски службеник за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје