Интересот на објавениот оглас за вработување на 1.600 лица од социјално ранливи категории во државните инститиуции е голем. Апликации се веќе пристигнати, а премиерот Никола Груевски ветува правичен избор врз основа на јасни и прецизни критериуми.
– Интересот е засега голем. Уште првиот ден почнаа да пристигнуваат апликации. Нашата цел е да се направи целосно и многу валидно евалуирање на сите апликации што ќе дојдат. Имаме многу јасни и прецизни критериуми и поткритериуми со бодување и како премиер се што е во моја моќ ќе направам сето тоа да се заврши на еден начин кој ќе биде максимално правичен, а да нема ситуации каде некој неправично ќе отиде погоре или подолу на листата и ќе има посебен фокус на таа работа затоа што ова се лица кои се од најтешки категории и не смееме да дозволиме да се почувствуваат онеправдани.
– Се разбира, не може да им помогнеме на сите кои ќе поднесат апликации, меѓутоа оние кои се согласно критериумите ќе бидат највиско пласирани. Тие се оние кои ќе бидат прифатени и понатаму доквалификувани и прифатени на различни работни места на јавната и државната администрација, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по традиционалниот појадок со бизнис заедницата.
Тој потенцира дека овој оглас е дел од ветувањето дадено на локалните избори и оти е обид да се помогне на овие најзагрозени категории лица, пред да се донесат законски измени кои предвидуваат и бараат повисоки перформани. Рече дека ќе има сериозни ограничувања и компетиција при примањето луѓе во администрацијата.
– Тука спаѓаат оние долгорочно невработени лица со над десет години немање работа. Тука спаѓаат лица со многу деца, а со многу ниски приходи. Тука влегуваат и самохрани родители кои имаат многу ниски приходи и другите категории и лица кои немаат ниту еден вработен во семејствота, а имаат исклучително ниски приходи. Ова е обид да се помогне на најтешко, на најмногу загрозените лица. Нормално, на нив ќе им бидат извршени дополнителни обуки, дополнителна квалификација да стекнат знаење за да бидат корисни и да се чувствуваат задоволни кога ќе придонесуваат на нивното работно место, истакна премиерот Груевски.