Груевски: Со одолговлекување на решавање на спорот растат предизвиците во земјава

Од:

Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени. Но, лично сметам дека ние не смееме да ги оставаме жешките теми на идните генерации, туку мора да се обидуваме да најдеме решение и да смогнеме сили да обезбедиме просперитет за државите и регионот, рече македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред 68 Генерално собрание на ОН во Њујорк.

Груевски рече дека решавањето на разликите со Грција е приоритет, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.

-Обединетите Нации не смеат да не погледнат во прекршувањето на фундаментално човеково право само именувањето и треба да покажат суштинска активност во овозможувањето на тоа право, а во овој случај активност која ќе води кон решение на отворените прашања кои ние ги имаме со Грција, повика премиерот Никола Груевски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

– Минатата година дебатиравме за превентивната дипломатија и заклучивме дека таа треба да биде суштински елемент на меѓународната заедница. Затоа ОН не можат и не смеат да стојат настрана од овој процес кој силно ги попречува македонскте аспирации за подобра иднина за граѓаните. Треба ангажман за да се овозможи Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, зашто две години наназад се забележува огромна инертност на грчка страна која, покрај тоа што е резултат на објективни причини предизвикани од нивната неповолна економска состојба, има и стратешки и тактички политички елемент кој е базиран на анализата дека со одолговлекувањето на процесот и нерешавање на спорот ќе се придонесе Република Македонија да се изолира во своите позиции кои се базирани на меѓународното право и вредностите и да потпише своевидно самоукинување на државата и на нацијата преку согласност за преименување, рече Груевски.

Во таа анализа, додаде македонскиот премиер, се цени дека со немањето на интензитет на разговорите, Македонија соочена со блокираните евро и евроатлантски интеграции кои се попречени директно од спорот и покрај исполнувањето на стандардите кои ги побараа меѓународните мултилатерални организации (НАТО и ЕУ) во кои сме попречувани да влеземе, и соочена со можноста за внатрешни несогласувања околу оваа попреченост која е предизвикана од Грција, дека ние би го спуштиле гардот и покрај силата на аргументите која е на наша страна.

– Точно е дека со одолговлекувањето на решението на спорот растат предизвиците и во земјата, но и на регионално ниво, и расте и тензичноста во определени моменти, но на секого треба да му е јасно дека таквите предизвици никако не може да се сметаат како тас на вагата кој ќе придонесе да се измени нашата оправдана и меѓународно правно исправна позиција, што би водело кон промена на нашиот македонски идентитет. Не може со наметнување на позиции на блокади да се промени нешто што постои со векови, ниту пак со закани од можни несогласувања, тензии или немири, па дури и со ефектуирање на истите, истакна Груевски.

Потсети дека македонската страна постојано иницира конретни чекори со цел да почнат суштински разговори што би резултирале со евентуално решение.

– Велат постапките говорат исклучиво за оние кои ги преземаат. Соочен со немањето интерес на Република Грција за суштински разговори за решение на спорот, пред два месеца му предложив на грчкиот премиер да го промениме форматот на разговори, односно да го подигнеме на многу повисоко политичко ниво, јас како македонски и тој како грчки премиер, заедно со министри од двете влади директно да се среќаваме и да разговараме за решение. Тоа би водело кон поголема ефикасност, бидејќи ние сме најповикани да го решиме ова прашање. 22 години се премногу време на тапкање во место и се доволен доказ дека мора да има промена на играта. Нашиот мандат кој граѓаните ни го довериле треба да биде суштински за постигнување на взаемно прифатливо решение, за кое верувам дека може да се постигне, решение со кое ќе се согласат и ќе го поддржат граѓаните на нашите земји, истакна македонскиот премиер.

Сепак, според него, доколку нема придвижување, ОН не смее да седат со скрстени раце и да бидат задоволни со статус кво ситуацијата, затоа што тоа е покажување на дополнителна неодговорност.

– ОН треба да се свесни за оваа сега веќе безизлезна ситуација, да помогнат со своите механизми, преку Генералното Собрание, па и Советот за безбедност, врз основа на чија резолуција разговараме со нашиот сосед, да се дојде до решение кое ќе ги одглави перспективите на мојата земја. Во спротивно, ОН ќе се соочи повторно со неуспех и ќе сноси одговорност заради нереагирањето согласно сопствените принципи и вредности. Тука не сакам да амнестирам никого, сите ние имаме одговорност, но има и оваа организација, која наместо да го прифаќа комодитетот од тивкото нерешавање на овој спор и наместо да се штити преку преспивање на оваа статус кво ситуација, која евидентно создава проблеми и предизвици за регионот, треба да почне со разгледување на алтернативни сценарија и похрабро да поттикне решавање на овој долгогодишен спор, оцени Груевски.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба

Горан Наумовски

Во првите сто дена од новата влада Мицкоски најави проект во енергетиката, две инвестиции и проширување на други две

А1он

Џафери: Дали ќе одам во опозиција зависи од исходот на преговорите за нова Влада

A1on

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

A1on

Ковачевски му ја предаде функцијата на Џафери: Повика сите министри да работат во интерес на граѓаните

A1on

Ирскиот премиер Варадкар во посета на Македонија

А1он