Со изборите на 11 декември ќе покажеме дека овде живее горд и достоинствен народ кој со оваа генерација ќе го победи сето она што и се прави на Македонија, порача вчера на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ во Струмица претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната листа во Четвртата изборна единица Никола Груевски.
Со 63 пратеници за Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Груевски, ќе се стави крај на кризата и на планот за мрачни сценарија за државата.
Тој истакна дека верува во проценката, мудроста, храброста и силата на народот, кој ќе се спротивставел на плановите, како што рече, за редефинирање на Македонија.
– Крајната цел на двојазичноста е формирање на бинационална држава односно без еден идентитет туку со два поголеми. На тој начин наредбодавателите на Заев сакаат да го срушат прашањето за официјален јазик на државата што всушност е главен проблем во спорот со Грција и основа на нашиот идентитет. Идејата е да се формира нова македонско албанска држава која ќе се вика поинаку и во која ќе се говорат два јазици, а во графата за јазици на ООН да стои нешто ново, а не македонски јазик, рече Греувски.
Суштината на спорот со Грција, додаде, не е само името, туку и идентитетот и јазикот, тие сакаат да го остварат тоа преку редефинирање на државата одвнатре, и да го скршат идентитетот на Македонците. Тоа, потенцира, е крајната цел.
На 11 декември, нагласи Груевски, ќе се бира помеѓу опцијата која создавала кризи и онаа која била посветена на напредокот на државата. Секој треба да се праша самиот кој подобро ќе се справи со економските предизвици, кој има подобар кадар и подобра програма, кој ќе отвори нови работни места, кој ќе биде достоинствен пред уцени, кој ќе ги штите државните интереси подбро, наведе Груевски.
Според него, со гласот за ВМРО-ДПМНЕ, се гласа за 70.000 нови работни места, за зголемување на платите и пензиите за најмалку 10,25 проценти на пензиите, на социјалната помош за 50 проценти, на минималната плата постепено до 14.000 денари до 2020 година, за 600 милиони евра за земјоделците, нова опрема во здравството. – Гласаш за продолжување со изградбата на трите нови автопати: Демир Капија – Смоквица, Скопје – Штип и Кичево – Охрид и за обновување на автопатите Смоквица -Гевгелија, Куманово – Скопје, Неготино – Демир Капија, Велес – Градско, за изградба на нови автопати од Скопје до Блаце, од Гостивар до Кичево, од Требеништа до Струга. Гласаш за шест нови експресни патишта, за продолжување на градба на пругата кон Бугарија и од Битола до Грција, рече Груевски.
Во Струмица најави дека ќе се гради нов пливачки базен, две двојни тениски игралишта, четири игралишта за кошарка, фитнес зона на отворено, нови спортски сали, како и обнова на четири училишта, нова специјализирана читална, две нови градинки, дневен центар за повозрасни лица…
– Ќе ги реконструираме региноналните патишта Струмица – Ново Село, Струмица – Попчево-Белотино-Рич-Конче и регионалниот пат Радовиш-Струмица, како и патиштата до селата Воиславци, Сулдурци и Калуѓерица. Ќе изградиме фекална канализација за Добрејци, за Дабиље, Просениково.. Ќе ја довршиме изградбата на стариот театар како и Центарот за култура Антон Панов кој ќе биде темелно реновирана, рече Груевски. Најави и дека ќе се догради веќе започнатата општа болница во Струмица и оти ќе се набават 125 медицински апарати, како и изградба на магистралниот гасовод Штип-Хамзали-Струмица-Гевгелија, во должина од 110 километри.
На митингот во Струмица беа претставени кандидатите за пратеници од четвртата изборна единица, а се обратија и дел од коалициските партнери.