Поранешниот премиер, Никола Груевски преку неговиот Фејсбук профил напиша дека тој не прифатил договор со Грција, не бидејќи не сакал влез во ЕУ и НАТО туку поради тоа што не е предавник.
Груевски пишува дека со прифаќањето на договорот за промена на името со Грција, станало јасно зошто се случувале работите во изминатите 4 години во Македонија и зошто ВМРО-ДПМНЕ не формирало влада.
„Го прочитав текстот на договорот со Грција, објавен во медиумите. Во меѓувреме прочитав дека владата веќе го усвоила на вонредна владина седница. Препорачувам секој да го прочита, пред да даде свое мислење, без да верува на тврдењата и интерпретациите на различни домашни или надворешни политичари, партии или медиуми. Не дозволувајте ни друг да ви го раскажува или интерпретира. Потрошете 20-30 минути од Вашето време.
Ова е историски договор. Не знам дали после Букурешкиот договор за Македонија имало поважен договор со друга земја. Вие сте современици на овој договор. А за него, во иднина ќе учат вашите внуци и правнуци од учебници, во училиштата. Значи, вреди да го прочитате. Краток е, и многу е јасен и разбирлив.
Моето мислење како поранешен премиер, кој повеќе години работеше на барање решение за ова прашање, е дека содржината на овој договор е национална катастрофа.
Читајќи го договорот се прашувам дали воопшто имало нешто што на Грците им паднало напамет да го побараат, а не го добиле. Имало ли воопшто реални преговори, и ако имало што е тоа што Грција не го добила. А за да не излезе дека името на јазикот сме го добиле во овие преговори, се погрижиле и потенцирале потсетувајќи дека македонскиот јазик е признат уште на меѓународна конференција токму во Атина како македонски јазик од групата на јужнословенски јазици уште во далечната 1977 година, што е и така.
Секој што ќе го прочита овој договор, расчистува со многу дилеми. Се што не му било јасно, му станува јасно.
1.Секому станува јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ во годините кога беше на власт, и покрај напорите, не успеа да најде решение за спорот отворен од Грција а поврзан со името.
Не затоа што јас како Премиер во тоа време, или партијата ВМРО-ДПМНЕ, или владата не сме имале доволно волја, или не сме сакале земјата да стане членка на НАТО и Европската унија, како што често не обвинуваа а и денес се уште не обвинуваат, туку затоа што другата страна под компромис подразбираше да прифатиме нешто што е целосен национален триумф за нив, и целосна национална катастрофа за Република Македонија. Ние тоа не го прифативме.
2.Секому станува јасно, дека без национално предавство договор по ова прашање со нашиот јужен сосед не е, и не бил можен. Јас тоа не го прифатив.
3.Секому станува јасно што и зошто се случуваше во Македонија во последните 4 години.
Зошто се појавија фабрикуваните и креирани аудио материјали, за кои до ден денес обвинителството и судот одбиваат да се направи вештачење на нивната целовитост и автентичност.
Зошто потоа се случуваа протести и се бараше промена на владата.
Зошто стана неопходно да се потпише Пржинскиот договор и формирање на СЈО, и зошто потоа во СЈО влегоа лојални кадри на СДСМ.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ не формираше влада.
Зошто се случи 27-ми април, провокацијата кон граѓаните пред парламентот, и незаконското бирање претседател на Парламентот.
Зошто владата на СДСМ во првите денови изјави дека или ќе постигнеме договор со Грција или немало да постоиме.
Зошто се изгласа неуставен закон за двојазичност за кој неколку месеци претходно самиот Заев кажуваше дека делови кои подоцна се прифатени се неуставни.
Зошто се потпиша штетен за Македонија договор со Бугарија, со кој целата македонска историја после антиката до 1945 ќе биде бугарска, и за таа цел се создадоа услови кои нема да може да се избегнат за промена на учебниците по историја.
Да, откако ќе се прочита договорот со Грција стануваат јасни и некои други работи.
Зошто континуирано повеќе години преку медиумска и поширока пропаганда се оцрнуваше ВМРО-ДПМНЕ и јас како негов претседател, со цел наша компромитација, рушење од власт и судско полициски прогон.
Зошто без никакви сериозни аргументи со години активно се креираше лажна слика кај Албанците во Македонија дека јас и ВМРО-ДПМНЕ сме нивни непријатели, и спасот е ако гласаат за СДСМ.
Зошто кај македонскиот народ се креираше перцепција без аргументи или со фабрикувани аргументи дека власта на чие чело бев е насилничка, криминална, безмилосна, фашистичка и што ли уште не. Ова не значи дека како и секоја власт, ние не сме имале некои грешки или пропусти (добро е што немавме стратешки грешки), но градењето на перцепцијата беше сето тоа да изгледа 1000 пати поголемо и пострашно, за да се создаде отпор кај дел од народот кон нас како личности, и како партија, на што дел од народот подлегна.
Да, читањето на договорот на тие на кои се уште не им е јасно, ќе им ги направи јасни и други нешта.
Зошто ме осудија во прв степен со обвинение од страна и пол во кое стои дека сум побарал да се набави кола во која сум сакал да се возам. А пресудата Заев ја објави две недели пред судот да ја објави.
Зошто ме судат за шамари кои никогаш не се случиле.
Зошто , ме судат за случај, каде според текстот на обвинението ме судат дека со градбата на патиштата сум сакал да остварам корист, политичка корист, со нивно побрзо завршување пред наредните избори и добивање политички поени кај гласачите, а истовремено на јавноста преку медиумите под контрола над власта и преставуваат слика и перцепција дека ме судат за наводни провизии, користејќи креирани материјали, вадејќи од контекст и манипулирајќи.
Зошто ме судат затоа што инспекцијата на општина Гази Баба срушила една класична дивоградба спроведувајќи го законот, за која доказите дека е дивоградба се уште стојат во несрушените темели на објектот?
Зошто ме судат за наводно формирање злосторничко здружение кое вршело нерегуларности на изборите, иако никаде за мене немаат таков доказ, вклучувајќи ги и креираните материјали, а доказ нема бидејќи не сум формирал никакво злосторничко здружување? И сето тоа за избори во кои победувавме со убедлива и недвосмислена поддршка на народот.
Јасно е и зошто со предметот на СЈО за финансирање на партијата (Талир) се закануваат дека ќе ја судат и угасат партијата ВМРО-ДПМНЕ, при што за да ја зајакнат заканата кон поширок број лица периодот на истрага го продолжиле до ден денешен.
Зошто иако пола година не сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и две и пол години не сум премиер, се уште од страна на СДСМ и контролираните медиуми од нив сум најнапаѓана личност и тоа секој ден?
Зошто по цена да се породи во самата судницата, Гордана Јанкуловска брзаат да ја осудат согласно зацртаниот план?
Зошто Митко Чавков и група негови соработници од МВР се обвинети и притворани и зошто се притворија Владо Јовановски, Дурловски, Богдан Илиевски- Бетмен, Борис Дамовски, 6-те пратеници на ВМРО и коалицијата- Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Крсто Муковски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, и десетици други лица од тој случај и многу повеќе од други случаи?
Зошто над околу 300 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ се под судско политички прогон?
Зошто освен кон старото раководство СЈО и ОЈО започнаа предистраги и кон членови на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ?
Зошто апсат лица кои протестираа пред парламентот пред неколку дена.
Секому кому се уште не му се јасни, му се разјаснуваат работите.
Зошто медиумите во Македонија се под силен притисок и невидена досега контрола.
Зошто судовите се под силен притисок и целосна контрола.
Зошто по секоја цена низ сиот изминат период се прават работи за да се создаде силен страв кај целиот народот, од можни фабрикувани казни, измислени истраги, апсења, судења, пресуди, затвори, контроли на инспекции, итн. Дали има уште луѓе во земјата надвор од оние кои се платени за тоа, на кои не им е јасно што се случува, и наивно веруваат на прес конференциите на СЈО,ОЈО, МВР, Финансиската полиција итн?
Да, секој кој ќе го прочита овој договор, што силно препорачувам, ќе расчисти со сите овие дилеми. Независно која партија ја подржува, кој етникум или која вера е.
Ќе му стане јасно, која била целта, каква атмосфера се планирало да се постигне во земјата кога ќе дојде овој ден, и уште повеќе денот на референдумот. Каков страв кај народот требало да се всади за да седи мирен и да не се спротиставува. Каква негативна перцепција да се изгради за оние политичари кои се бореа за државните и националните интереси. И со сето ова да се испрати порака до секој човек во Македонија да помисли што него може да го снајде, ако застане на патот на доаѓањето и спроведувањето на овој договор со Грција.
4.Секој кој ќе го прочита овој договор, пред повторно да стане предмет на обработка на пропагандите и ветувањата, со поинакви очи и ум ќе гледа на многу други нешта. И на процесите во МПЦ, и на изјавата на Заев пред 5-6 години дека мораме да ја свиткаме кичмата за името, и на немањето непријатност секојдневно да се менуваат изјавите за една иста работа и без срам да се лаже сопствениот народ.
Се било според онаа култна реченица во нашето општество од филмот ,,Среќна нова 49та,,: ,,извини Пиги, морално беше,,. Да, цела година живееме како во таа 1949та година, а тоа и ќе зајакне во следните 6 до 12 месеци.
Ете го редефинирањето на државата. Ете ја големата измама.
Пред и во кампањите, многу јасно предупредував за ова. Кој разбра- разбра. Кој не веруваше-ќе поверува. Но, последиците од овој договор денес и во иднина ќе ги чувствуваме сите, но и идните поколенија.
Не можеме за се да го обвинуваме надворешниот фактор. Без Македонци, ова досега немаше да се случи, и извршители и нивни поддржувачи“ пишува Груевски.