Груевски: СДСМ меѓусебе се лажат, а очекуваат од нас да им веруваме

Од:

СДСМ и понатаму се лажат самите себеси и не ја гледаат реалноста, а очекуваат од нас да им веруваме, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на синоќешната промоција на изборната програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Струмица“ на кандидатот за градоначалник на Струмица, Васил Пишев.

Осврнувајќи се на најновите случувања во СДСМ и кандидатурата на Стевчо Јакимовски за градоначалник на Карпош и покрај одлуката на опозицијата да ги бојкотира претстојните локални избори, Груевски рече дека искрено жали за ваквата нивна одлука.

– Стевчо Јакимовски за Нетпрес дал изјава за настаните во СДСМ и оти имал сериозни закани. Црвенковски излегува на телевизија и вели дека немало никакви закани. Тие меѓу себе се лажат, а очекуваат од нас да им веруваме. Сега нивниот лидер Бранко Црвенковски ги убедува дека за ден-два ќе има притисок од меѓународниот фактор и дека ќе се закажат нови локални избори. Најновиот предлог што го слушам од Црвенковски е дека немало да бара предвремени избори, немало да има бојкот, нема да прави проблеми во евроатланските интеграции на земјата, само ако го смениме името и го решиме проблемот со името, рече Груевски.

Во своето обраќање пред струмичани, Груевски ја истакна подготвеноста на партијата и нејзиното членство, преку посветена и напорна работа заедно со народот да се бори за уште подобар живот и иднина.

– Велат дека Владата не ја помага Струмица, а забораваат дека првиот откупно-дистрибутивен центар со инвестиција од 20 милиони евра се изгради токму во Струмица. Ги забораваат и инвестициите во изградбата на регионалните и локалните патишта. Цели 30 години се градеше делницата Струмица – Радовиш. Струмица во овие години стана центар на високото образование со шест факултети. Во овој период Владата и Собранието преку процесот на децентрализација создаде оптимални законски рамки за уште позабрзан развој на општините, а со тоа и на Струмица, нагласи Груевски.

Давајќи му целосна поддршка на кандидатот за градоначалник на Струмица, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Васил Пишев е меѓу првите бизнисмени кој докажал дека чесно и со свои идеи и труд може да создаваат нови дела.

– Тој ја има нашата доверба. Во него како иден градоначалник на Струмица гледам партнер за соработка во реализација на нови дела за уште поубава Струмица, истакна Груевски.

Актуелниот пратеник и кандидат за градоначалник Васил Пишев во своето обраќање оцени дека има вештачки создадена фама дека нема противкандидат на Заев во Струмица.

– И додека Заев од 24 декември беше повеќе во Бихачка, отколку во Струмица, јас бев заедно со вас. Заедно со стручните луѓе од сите области ја изготвивме оваа изборна програма во која има реални проекти, со реални инвестиции и датуми на реализација на нови дела  за подобра Струмица, рече Пишев.

Претставувајќи ја изборната програма, тој вети изградба на технолошко-индустриска развојна зона помеѓу селата Куклиш и Свидовица, нови индустриски претпријатија во зоната Сачево, изградба на нов зелен пазар, средување на сегашниот пазар на големо, изградба на нов студентски дом и впишување на Струмица во картата на градовите за земјоделски саеми.

– Струмица ќе биде првиот град кој ќе се приклучи на кракот од гасоводот Јужен тек, кој ќе минува низ Македонија и ќе значи уште позабрзан развој на економијата. Со нашите иселеници ќе формираме бизнис-клуб со цел да им овозможиме полесно да инвестираат во развојот на Струмица. Претстојните избори на 24 март се убава можност повторно, сите заедно, да ја вратиме Струмица на сите, да направиме уште поубава и уште поевропска, рече Пишев.

Носителот на советничката листа за Советот на општината Кирил Николов ја истакна својата и подготвеноста на идните советници со совесно и посветено работење да го подобрат животот на струмичани.

Синоќешната промоција на изборната програма на кандидатот за градоначалник на Струмица се одржа со слоганот „Струмица за сите“. На промоцијата во спортската сала „Парк“ покрај лидерот на партијата Никола Груевски, присуствуваа и министри и пратеници, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Каевски од голтар до милионер, фатен како прави милионски проневери како директор на Агенцијата за млади и спорт

СДСМ до Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци

А1он

Ковачевски: Со враќање на ВМРО-ДПМНЕ дозволуваме сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии

А1он

Меџити не кажа дали е можен министер за внатрешни работи: Ќе разговараме во наредните денови

А1он

Стојаноска: Со платформата 1198 како идна влада ќе имаме широк дијалог со синдикатите и жестока борба со корупцијата

А1он

Мицкоски: Денес работничките права се прекршени и погазени, промените мора да се случат

А1он