„Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани. Не можат само политичарите, особено кога еден дел од нив се борат за заштита, а друг дел се на спротивната страна.
Оваа шанса народот ја имаше на изборите. Во кампањата говорев секој ден за тоа. Погледнете ги моите обраќања во Штип, Велес, Скопје. Дел добро ме разбраа. Некои не веруваа, мислеа дека со тоа само сакаме да добиеме гласови, а СДСМ да ги загуби. Денес се’ помалку има такви, но главниот воз е пропуштен. Сега е последниот воз. Сега е тоа време.
Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда.
Сценаристот смета и има проценка дека народот не е способен и кадарен да ја брани земјата и смета дека ако со својата моќ и подготвено сценарио елиминира дел од политичарите, ја завршил работата. Нивната проценка до пред некој ден беше дека дел од политичката елита е високо мотивирана за одбрана, но дека народот е ниско мотивиран и затоа одат агресивно и бескруполозно. Тие најмногу се плашат од народот, но засега се убедени дека го имаат доволно изманипулирано за да биде мирен и збунет.
Основната причина за целата операција за рушење на власта и носење на Зоран Заев е слабеење на државата со цел промена на името и идентитетот на Македонците. Тоа е главната и основна причина заради која е започната операцијата за рушење на ВМРО од некои надворешни центри. Овој процес може да донесе и до губење на државата.
Двојазичноста е секундарната цел. По двојазичноста ќе започнат подготовки и за кантонизација како следна цел. Чекор по чекор.
Многу им пречи што во изминатите години низ разни форми и активности се подигна националната свест.
Операцијата е во 4 фази:
1. Создавање криза и дестабилизација,
2. Компромитирање на власта преку специјална психолошка војна и компромитирање на институциите,
3. Избори и смена на власта, нејзино елиминирање и носење на нова и
4. Реализација на целите.
Нашата држава солидно функционираше и одеше напред се додека не беше нападната од надворешни моќни центри.
Во изборната кампања на СДСМ учествуваа странски експерти за специјална психолошка операција и микро таргетирање со цел да допрат до емоциите на многу пасивни гласачи и да ги мотивираат да излезат на избори. Беа потрошени многу странски црни пари во кампањата на СДСМ. Се трошат и сега. Цели тимови се ангажирани да влијаат и да ги доведат во заблуда граѓаните. Имаат под своја контрола многу медиуми, многу поединци платеници во форма на аналитичари, интелектуалци, колумнисти, новинари, платени протестирачи, крупни бизнисмени, судии, едно цело обвинителство, политички партии, НВО и млади заведени и индоктринирани луѓе на кои со години со предавања и со пари им го перат мозокот по разни семинари и сл. и се разбира многу пари.
Ако народот остане рамнодушен, ќе ја превземат државата, комплетно ќе ја редефинираат и ќе управуваат со тој народ.
Преку праќање на мнозинството Македонци во опозиција, сега е моментот кога се тргнува во финалната фаза на овој поход.
Потоа првата жртва е јазикот. Но тој е само првата, само почеток.
Да не испадне не сум кажал и не предупредил.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предолго се осамени во напорите за зачувување на државните интереси во ситуација на многу надворешни влијанија, пари и активности. Многу малку од јавните личности надвор од партијата сериозно ја сфатија ситуацијата. Дури сега некои од нив почнуваат да се будат.
Планот е законот за јазиците да се донесе на сила, со измислено европско знаменце на кое не му е местото на тој закон.
Се што Зоран Заев кажува дека не прифатил е само заради една причина: немање двотретинско мнозинство во Парламентот. За промена на знамето, грбот и химната потребно е двотретинско мнозинство. За издавање команди на друг јазик во АРМ потребна е смена на законот за АРМ каде треба двотретинско мнозинство, кое заради ВМРО го немаат.
Ќе се обидат да го удрат и последниот бастион, ВМРО-ДПМНЕ, и неговото раководство.
Предупредив во кампањата дека без 63 пратеници за ВМРО кризата нема да запре, а таа криза е создадена за урнисување на државата.
Нашиот концепт е мултикултурализам, наспроти нивниот за бинационална држава, која подоцна треба да се претвори во две федерални единки.
Нашиот концепт беше да има унапредување во општините каде над 20 отсто живее различна од Македонската етничка заедница, но не само Албанците, туку и за Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците. Тоа ќе го зајакне граѓанскиот карактер на државата и ќе доведе до едно посилно и стабилно општество.
Зошто сакаат Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците да не добијат ништо? Зошто ги потценуваат и понижуваат. ВМРО и Коалицијата стои и зад нив и ќе се бори за нив.
СДСМ не го прифати само законот за јазици, туку и платформата од Тирана. Србите и Македонските комунисти по 1945 ќе ги гласаат за одговорни за геноцид на Албанците.
Принципот на коалицирање “победник со победник” со овој потег на ДУИ е засекогаш уништен. Никој, па ни ВМРО-ДПНЕ во иднина нема да има таква обврска.
Оваа влада е направена под жесток надворешен притисок кон ДУИ, во кој многумина учевствуваат, а најактивен е еден амбасадор.
Ова е операција во голема мерка подржана од СОРОС. Голем дел од финансиите и логистиката се од него. Но освен тој и некои надворешни моќни центри значајна улога играат домашните соработници, тргнувајки од Зоран Заев па надолу.
Ако народот не биде доволно активен и доволно упорен Република Македонија нема да е Република Македонија и на неколку рати во неколку фази ќе заврши операцијата. Но ако народот биде активен и упорен и ако не потпадне и не се пасивизира под суптилната медиумска пропаганда, нема никаква можност за успех на операцијата. Таа ќе пропадне и ќе биде поразена.
Зоран Заев ги тешел и смирувал на Централниот Комитет неговите со зборовите дека победникот ја пишува историјата. Демек не е важно што ќе сторат, ако формираат влада тие се победникот и така како што ќе ја претстават работата така народот ќе прифати, колку и да направиле злочини. Силно се лаже. Таа изрека е за големите светски војни за големите држави кои се водат еднаш во еден век или поретко. Не е за демократска држава во која на демократски избори партиите се менуваат. Кој ќе ја пишува историјата ако сега Заев состави влада, а по 6 месеци, година или повеќе години изгуби и ВМРО се врати. Во демократски земји партиите се менуваат на власт и никоја не може да пишува историја каква што сака. Таа нејзина историја може максимум да ја чита некој додека не се смени власта.
Ако се изгласа оваа влада, таа ќе биде влада на еден амбасадор. Потоа тој ќе пристапи и судот да биде негов суд. Тој всушност подолго време работи на тоа. Обвинителство веќе си има. Поданици, НВО и платеници во значаен број. Си има и раководства на партии. Но и тој нема да е вечен амбасадор и тој е со ограничен мандат.
Ако некој се огрешил пред законот, но ако навистина се огрешил и има цврсти докази за тоа, треба да одговара. Тоа не треба да се доведе во корелација со ова што го гледаме сега и со одбраната на државата.
Некои од западните земји беа подготвени да реагираат на мешањето на Тирана со платформата. Но ни рекоа дека тоа што дел од македонските партии ја прифаќаат платформата, ним им ги врзува рацете. Не може тие да се по патриоти за Република Македонија од нас. Инаку некои од нив веќе пишуваа реакции до Тирана, но кога видоа дека само ВМРО и коалицијата брани, а СДСМ и сите албански партии прифаќаат се повлекоа.
Ако албанските партии ја донесат СДСМ на власт, ние сме подготвени да ја поддржуваме како малцинска влада со нашите пратеници доколку се откаже од законот за јазиците, платформата од Тирана и редефинирањето и урнисувањето на државата. Ако толку по секоја цена сака Заев да биде премиер, нека не удира по државните и националните интереси. Нека ја спроведува програмата од изборите без редефинирањето. Нека удри и по нас, ама не по државата и нејзините темели. Еве јас доброволно ќе прифатам ако тоа му е услов на Заев да ме уапсат, затворат и малтретираат, а ВМРО-ДПМНЕ да го поддржува како малцинска влада колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт. Ова нека го сфати како јавна понуда.
И на крај би порачал, во Македонија освен партии има и народ. Чесниот народ, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците не се согласуваат со ваквото сценарио. Јас верувам во мојот народ и на крај ќе победи Македонија“, напиша Никола Груевски, на својот Фејсбук профил.