Поранешниот премиер Никола Груевски за време на паузата на судското рочиште за случајот „Тенк“ седна да испие едно кафе со неговите адвокати. Паузата следеше по сведочењето на неговиот телохранител Дејан Митревски – Урко кој рече дека шест до седум години го молел Груевски да набави ново возило, бидејќи со години возилата на МВР за обезбедување ВИП-личности биле во дефект и завршувале на сервис, при што биле сведоци на многу непријатни ситуации при превозот на функционери.
Судот даде пауза за да одлучи за приговорите на адвокатите на Груевски да бидат издвоени вештачењата на Тале Герамитчиоски и Страхил Глигоровски.
Во кривичниот суд денеска се одржува ново рочиште за предметот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра. На претходното рочиште сведочеа осум сведоци предложени од одбраната, кои посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на важни личности. Во случајот „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Пред две рочишта судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради тоа што таа имала ризична бременост.