Народот препознава чесен однос на политичарите кон граѓаните и прави разлика кој што сработил. Во вториот круг народот ќе победи, ќе победи Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ, победата ќе биде голема со 62 пратеници во Парламентот за да не дојде да бидеме уценувани во реализацијата на 2.046 проекти од програмата „Проверено“, порача на вечерашниот митинг во Виница лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
– Денеска апелирам до оние кои гласаа за СДСМ – дајте да се исполнат овие 2.046 проекти зошто ова го правиме за сите граѓани на Република Македонија.
Зголемувањето на пензиите, проектите од сферата на социјалата, влегувањето на странските инвестиции сите ќе имаме корист од оваа наша програма, рече Груевски.
Ние, рече Груевски, се бориме да им помогнеме на сите преку проектите кои ги спроведуваме и кои ќе ги спроведеме во иднина.
– Обезбедуваме нови факултети со дисперзирани студии, реконструирани патишта во Источна Македонија, патнииот правец Штип-Виница, реконструкција на Здравствениот дом во Винциа, набавка на четири возила за итната медицинска помош, реконструкција на амбулантата во село Трсино, спортска сала во село Градец, реконструкција на Средното училиште „Ванчо Прке“, реконструкција на водоснабдителниот систем, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи притоа дека ова се само дел од реализраните проекти во општина Виница.
Поради, како што рече, чесноста, посветеноста, напорната работа, реализираните проекти, ВМРО-ДПМНЕ може да ја бара повторно довербата кај граѓаните.
– На овие избори овој режим на СДСМ отиде низ вода. Не ги слушајте пораките на СДСМ дека има две Македонии, има само една Македонија, поделбата нека си остане во главите на Стево, Зоран и Радмила, рече Груевски повикувајќи ги виничани да го дадат својот глас за програмата „Проверено“ на ВМРО-ДПМНЕ.
На митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа претставени претставени кандидатите за пратеници од ИЕ 3, се обрати и носителот на листата за пратеници Никола Тодоров.
Тој истакна оти има огромна разлика во делата што ги прави ВМРО-ДПМНЕ и она што се работело претходно, и дека народот знае да ја направи таа разлика.
Се осврна на, како што рече, континуираната помош што ја давала досега Владата на македонскиот земјоделец, но и на она што треба да се реализира во иднина во овој сектор, посочувајќи притоа дека во програмата „Проверено“ се планирани 600 милиони евра за подобрување на македонското земјоделство.
Најави изградба на експресниот пат Штип – Кочани, а ја напомена и изградбата на автопатот од Скопје до Штип која е започната. Ова, рече тој, се дел од проектите кои ќе се спроведуваат во Источна Македонија.
Тодоров посочи и дека Владата обрнува големо внимание на намалувањето на невработеноста преку создавање можности за отворање нови работни места.
– Нови 120 илјади работни места се отворени во Република Мкаедонија за овие седум години и невработеноста е намалена за десет проценти. За наредните четири години ќе отвориме 64 илјади нови работни места и над 30 нови фабрики, рече носителот на листа за избор на пратеници во Изборната единица 3.
Во делот на здравството Тодоров ја најави и изградбата на Клиничката болница во Штип, проект, како што истакна, од особено значење за здравството во Источна Македонија.