ВМРО-ДПМНЕ има издржана програма која со својот квалитет отскокнува и од регионалните прилики. Нуди јасни проекти, многу аналитично изработени, врз основа на точни пресметки, со точни рокови и буџети. Нема вишок на зборови, нема лажни ветувања, секој збор е одмерен, а ветувањето е реално. Го даваме зборот, и како и секогаш, зборот ќе го исполниме. Ние ќе победиме на овие избори, затоа нашиот збор и секое дадено ветување има голема тежина.
Ова го нагласи лидерот на партијата и претседател на Владата на Република Македонија Никола Груевски на денешното претставување на кандидатите за градоначалници и носителите на советничките листи за Град Скопје и општините Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир, Гази Баба, Ѓорче Петров, Сарај и Бутел.
Во програмите за Град Скопје и неговите општини, Груевски посочи дека има 1.274 проекти нагласувајќи дека политичките противници не се потрудиле да напишат програма.
– Нашите политички противнци не се потрудија да напишат ниту програма, ниту да понудат барем едно дело, проект, реформа или мерка. Затоа и ќе изгубат, затоа што граѓаните не сакаат да ги потцениш и да не се потрудиш да седнеш и да размислиш и барем да излезеш со предлог пред нив. Им ја бараш довербата, а не ги почитуваш со тоа што не им нудиш политички производ за да те поддржат. Тоа е крајно неодговорно, рече Груевски.
Делата, додаде, се она по што ја мериме нашата успешност, визија и искрена посветеност за напредок.
– Колку човек сработил се гледа по тоа што оставил зад себе и какви планови има во иднина. Ние излегуваме и велиме оценувајте според делата. Според она што го гледате, а го имаме изградено и според она што го предвидуваме во нашите програми и ќе го изградиме. Има и такви кои сакаа да се пофалат дека го сакаат Скопје со солзи, но ние решивме нашата посветеност и грижа да ја мериме со дела. Затоа што Скопје се сака со дела, затоа што Македонија се сака со дела, нагласи Груевски.
Според него, како и досега, Скопје со сите негови општини може да функционира во еден ритам за доброто на граѓаните. – И во идниот период да покажеме дека предводени од Коце Трајановски и поддржани од градоначалници и советници во сите скопски општини кои доаѓаат од нашата партија и коалиција, Скопје ќе продолжи да функционира како еден тим, хармонично, со нови дела и со нови проекти, подвлече лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Со реализираното во изминатите четири години, како што рече, докажавме дека граѓаните и скопјани може да сметаат на нас.
Потсети на дел од реализираните проекти, како што е жичарницата до Водно, националната арена Филип Втори, новите градски автобуси, проширените и реконструирани булевари и улици, катни гаражи…, како и на изгледот на „Илинденска“, „Партизански Одреди“, „Митрополит Теодосиј – Гологанов“, „Свети Климент Охридски“, „Првомајска“ и другите булевари пред четири години.
– Никогаш повеќе од сега Скопје не се градело. Ќе продолжиме со нашиот градителски бран, тоа е ветување кое е наша обврска кон десетици илјадници работници во градежниот сектор и тројно повеќе работници во секторите поврзани со градежништвото. Тоа е наша обврска кон десетици илјади семејства, затоа што ние ниту се плашиме, ниту бегаме од работа. Знаеме што е отворање нови работни места, за разлика од нашите политички конкурентни не отпуштавме луѓе од работа, туку вработувавме, не разурнувавме објекти, туку градевме и така и ќе продолжиме, рече Груевски.
Приоритет во Скопје најави дека ќе биде отворањето нови работни места.
– Зоната Бунарџик ќе продолжи да се полни со инвеститори, а секоја од фабриките да вработува работници. Повеќето општински индустриски зони кои ќе ги изградиме комплетно, истакна тој, на секој дел од Скопје ќе обезбедат дополнителни инвестиции и фабрики, нови бизниси и нови вработувања, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Посебно внимание, како што рече, ќе се насочи на политиката на домување, обезбедување нови локации за населби, ширење на просторот за живот. За секое семејство да може да си направи дом, со помош на владините проекти за откуп на земја за градба на дом со почетна цена од едно евро, со евтините комерцијални станови, со проектот „Купи куќа, купи стан“, но и со силна помош на општините во урбанизацијата на нови простори.
– Ние делуваме и ние имаме дела. Тоа не разликува од нашите противници. Имаме и вредности до кои држиме и од нив не отстапуваме и при најголемите искушенија и предизвици, затоа што знаеме дека ако се тргнеш од вредностите и од нив отстапиш си отстапил од се, а нашите противници наместо вредности повеќе сакаат својот ангажман да го базираат на лаги, клевети, навреди и инсинуации, и така нека продолжат, рече Груевски и додаде оти имаат принципи, искрени намери, чест и одговорност пред граѓаните.
Сите ние, потенцира тој, се препознаваме и се мериме по тоа какви дела оставаме зад себе.
– Јас не сум човек кој ветува се и сешто, туку човек кој работи според програма. Она што е ветено треба и мора да биде исполнето. Мојот чист образ и моето име не сакам да го валкам со нечесност, ниту со лажни ветувања. Едноставно не вреди. Тоа е она што го барам од секој од вас. Да оставите дела кои ќе се паметат и ќе им служат на граѓаните. Тоа е она што го нудиме во нашите програми, истакна Груевски.
Кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ за Кисела Вода, Карпош и Центар, Билјана Беличанец – Алексиќ, Јагнула Куновска и Владимир Тодоровиќ ги повикаа граѓаните да излезат на 24 март и да ги поддржат и советничките листи од оваа партија со цел, како што рекоа за нови дела во општините.