На политичката сцена мора да се закопаат секирите и да се намали јазот помеѓу политичките конкуренти, рече денеска премиерот Никола Груевски. Истакна дека е подготвен да и подаде рака на СДСМ за да престане деструктивното однесување за државата и за граѓаните.
– Јас сум спремен да им понудам пакет кој ќе ги адресира сите нивни грешки исто како што го прифативме на нивно барање она понижувачко обележување со мастило само за да се уверат дека нивниот неуспех не лежи во тоа. Единствено што барам од нив е да престанат со ова деструктивно однесување за државата и за сите граѓани во неа. Јас подавам рака. Нивно е дали ќе ја прифатат. Македонија мора да оди напред, а СДСМ мора да се однесува одговорно, посочи Груевски, кој во своето обраќање на одбележувањето на 23.годишнната од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат одговорни и ќе работат на својта програма, но, потсети тој, тие негираат кристална победа од над 200 илјади гласови.
– Тоа не им проаѓа ни кај нив во партија, па ќе се заборави Заев, па вика и се да беше по нивно пак ќе изгубеле, поразот ќе бил со помала разлика, па пак утредента не признаваат исходи и диктатура немало. Ние сме силни и не се плашиме да подадеме рака за доброто на државата. А што се однесува до нас ако гледаме теснопартиски, само нека продолжи да зборува СДСМ за диктатури и режими, за слобода во 21 век во ситуација кога цела држава ги гледа дека живеат како бубрези во лој и спијат на милиони евра. Народот гледа, светот гледа и се чуди. Сите им се чудат освен оние кои ги користат како маша за своите интереси, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој, како што посочи, искрено се надева дека ќе се најдат сили, ќе се собере храброст и ќе се вратат на вистинскиот пат да ја водат својата политичка битка онака како што се прави во целиот цивилизиран свет.
Му порача на своето членство да биде подготвено да му помогне на СДСМ да излезе од, како што рече, овој вртлог. – Затоа што ни требаат и нам како власт и на Македонија како консолидирана опозиција во еден нормален демократски амбиент. На крајот тие ќе решат самите за себе, изјави Груевски.
СДСМ, според него, мора да почне да учи од грешките инаку не може да се надева на успех.
– СДСМ прерасна во партија на лица кои не нудејќи решенија и заради омраза и заради лични хирови и фрустрации создаде тема која мислат ќе ги амнестира во некоја историска дистанца за нивните неуспеси и катастрофални резултати. Мнозинството од нивните челни луѓе се класични неработници, арогантни и упорно одбиваат да сфатат дека во нив е грешката, рече Груевски. И во Брисел, додаде тој, им кажаа дека бојкотот не е решение и дека тоа е лошо за државата.
Премиерот рече дека од СДСМ денес за жал не гледа идеја и политичка борба.
– Заев и Шекеринска соочени со својот личен неуспех се обидуваат да ја киднапираат партијата СДСМ и се обидуваат помеѓу сопственото членство да го наметнат оној познат стокхолмски синдром во кој пробуваат киднапираните, во овој случај, членството на СДСМ да се солидаризираат со киднаперите, со Заев и Шекеринска, а притоа не гледаат дека секогаш ама баш секогаш киднапирањето се гледа како неубава работа и нема да им успее затоа што граѓаните нема да им дозволат. Пробаа се што можеа, прво демек со идеи и со проекти ќе ни конкурираат. Потоа видоа не оди,ајде со лаги, со интриги, со манипулации, клевети и навреди, резултатот уште полош од тоа претходно. Сега уште и киднапирањето на сопствената партија и ставањето нејзино во залог на личните интереси на неколку луѓе. И ако навреме не се освестат ќе ја загубат поддршката и на нивните членови. Се заплеткаа до таа мерка што сега не знаат како да се отплеткаат. Па ние ќе мораме да ги отплеткуваме. Ќе ги отплеткаме некако за доброто на државата. Какви такви и требаат на македонската демократија, рече Груевски.
Една од најомилените напади на СДСМ врз власта и ВМРО-ДПМНЕ, според него, е дека немало доволно демократија и дека сме живееле во диктатура.
– Во таа диктатура замислете лидерот на опозицијата имал 6-7 милиони евра капитал и тоа го смета за средна класа. И велат вози приватно ауди кое чини веројатно над 100 илјади евра и плус јавно тврди на телевизија дека најголем дел од богатството го стекнал за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Каква диктатура, многу јака диктатура. Во диктатурата Рада има стан од 200 квадарати, викендици, скапи коли, дури и за станот во кој самата живее некој и плаќа кирија од над пет илјади евра месечно, а сега од Парламентот кој не го признава како диктаторски си побара уште една илјадарка секој месец. Каква диктатура, ваква диктатура ретко се наоѓа, рече Груевски.
Праша што ли ќе возеше Заев, да немаше диктатура. – Вселенски брод, директно од Струмица на месечината. Рада кога ќе го земеше авионот од држава во држава, Европа да ја среди, батали ти Македонија. Од еден на друг тениски турнир, демократски, а не ваква диктатура. Во што ли ќе живееше Рада да не беше диктатура и колку ли кирија ќе добиваше за станот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагова порака до СДСМ е тие да се фатат за работа, а не да се занимаваат со вештачки измислени теми.
– Направете понуда, направете програма, дајте некои нови луѓе, реформирајте се, борете се со реални и со остварливи идеи за подобар живот на народот, а не со лаги, интриги и со манипулации. Дајте да се натпреваруаме со проекти. Доста е со овие измислени и вештачки теми. Не сакам ни да зборувам за вистинската диктатура во деведесетите кога Радмила и Заев аплаудираа на еден човек и сега го гледаме како лабаво си тера по кафанчиња и зема највисока пензија во Македонија, кога беа негови извршители, кога имаше два, подоцна три весници и една телевизија, кога убиваа луѓе по улици, кога имаше сомнителни самоубиства со по два куршуми во главата, се сеќавате, а не сега кога се даваат субвенции, кога растат плати, кога растат пензии, социјални помошти, кога се отвораат нови фабрики и нови работни места, кога се гради насекаде, кога има плева од телевизии и весници, портали, кога стотици луѓе дневно преку контактни отворени програми на медиумите може да кажат се што сакаат и да критикуваат се што им смета, кога имаме најчести избори спроведени со кои било во минатото, кога можеш на некому да му залепиш клевети и афери како никаде на свет, а притоа да глумиш жртва дека судството било пристрасно и дека имало диктатура, рече Груевски.
Сега, според него, е време кога народот веќе може да спореди. – Еве на пример земете го проектот Скопје 2014. Главниот проблем тука е зошто ние го правиме, а тие не го направиле. Не е ова време на диктатура, туку е време на манипулации и на интриги на поранешните диктатори чија што безидејност и неработење во нивното време денеска излегува на површина повеќе отколку во минатото, оцени премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.