Перцепцијата што сакаат да ја создадат СДСМ со избирачкиот список е хаотична колку што се и самите во бројките, вака одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вестите на Сител.
„СДСМ се пред пораз. Покрај толку валкани работи за да дојдат на власт сфатија дека се прочитани, и дека ќе бидат поразени како во 2014 година. Сакаат да создадат алиби, дека кој знае што се случува со списокот. Имаа 5 претседатели на ДИК кои немаа никаков проблем со тоа. Нивните членови го тероризираат ДИК со разни закани, дека ќе го напуштат, за да издејствуваат поголема бројка на граѓани кои ќе бидат проверени. Ако реално треба 10.000 да се проверат, тие гледаат да бидат 100.000 или 500.000, ако може пак да ги одложат изборите, или ако одат на избори да им биде алиби дека имало 500.000 фантомски гласови. Ова многу ќе ги чини, ќе ги збудалат луѓето.Тоа се чесни луѓе кои гласаат согласно закон. Фантомски гласачи, немало, нема и ќе нема. Ова е најобична лакрдија на СДСМ. Ова е битка за оправдување на поразот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во вестите на Сител.
Груевски од една страна кажа дека проверката на избирачкиот список е малтретирање на граѓаните, а од друга страна кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нудела проверка на гласачите во која секој сам ќе се пријави со лична карта, но како што кажа СДСМ не сакале, и се правдале дека е доцна.
„Ако сакаат 2 милиони нека проверат, на нивна штета оди сето тоа, сите нека ги проверат, ние дури нудевме да имаме нов список, секој граѓанин да дојде и да се пријави, ама тие избегаа од тоа, зошто сфатија дека тоа е најбрзиот, најчистиот начин на проверка. Ние рековме супер, нов список, секој да се пријави со лична карта, ама кога удрија еден рикверц, кога почнаа да викаат доцна е, не сега. Тие постојано ќе бараат некој проблем, ќе се обидуваат да ги добијат изборите со фалсификати, со банкарски сметки, со фалсификати со Чауш, со деструктивност од типот на измислување лажни афери. Сето ова ќе им се удри од глава на 5 јуни“, рече Груевски.