Груевски: Довербата од граѓаните ја базираме на проекти и реализирани ветувања

Од:

Довербата од граѓаните ние ја базираме на проекти и реализирани ветувања. Таа доверба е цврста затоа што и делата кои ги направивме се реални. Нам, за разлика од нашите конкуренти најважна преокупација ни се проектите, а не апстрактните поими кои ни тие самите не ги разбираат. Ова вечерва го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во четвртата изборна единица Никола Груевски на митинг на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Македонски Брод.

– За да се ветува нешто потребно е да се има кредибилитет. И секако тука запрашајте се, кој навистина има реализирано проекти, кој навистина решава проблеми, кој навистина носи инвестиции, ВМРО или СДСМ, рече Груевски.

Нагласи дека Заев во текот на неговиот мандат како градоначалник на Струмица, повеќе од 11 години, не донел ниту една фабрика.

– Нивниот предводник, 11 и пол години е градоначалник на Струмица, и една фабрика таму нема донесено, а камоли во Македонски Брод да ви донесе. Човекот не може во неговата општина една компанија да донесе и да отвори 1000, 500, 300, колку било работни места, а како да очекуваме дека ќе донесе и во Брод, во Каменица, во Кичево или било каде, рече Груевски.

Обвини дека главна преокупација на СДСМ е туркање на проект за рекомпонирање на државата, додека, како што рече, главен проект на ВМРО-ДПМНЕ е привлекување нови инвестиции за силен економски напредок.

Груевски на митингот најави дека американска компанија има купено земјиште во близина на Македонски Брод и на почетокот на декември ќе се почне градбата на нова фабрика на само пет километри од градот.

Ова, како што рече, ќе биде прва поголема нова фабрика по повеќе децении која ќе се гради во Македонски Брод, за економски развој, нови вработувања и обезбедување на сигурност на 200 вработени. – Инвестицијата е на компанијата „Броадстоне Дефенсе“, американска компанија од Вашингтон, САД, која ќе произведува муниција, огнено оружје, панцири, и слично, за потребите на американската војска и НАТО земјите, рече Груевски.

Иако државата, додаде тој, беше зафатена со политичка криза ние не престанавме да работиме и да се бориме на полето на инвестициите.

– Минатата недела преку јавен повик и електронска аукција инвеститорот го купи земјиштето од 10 хектари во близина на Македонски Брод, при што веднаш во декември, за една или две недели од сега ќе започнат со градба. Според веќе изготвениот архитектонски проект, планираат да изградат фабрика, односно пет хали за производство, како и дел за складирање и административна зграда. Според истиот план, се очекува да завршат со градба до крај на мај 2017 година и да започнат со тест производство, за од јули 2017 година, да почнат со редовно производство, истакна Груевски.

За првите пет години, вкупната инвестиција е планирана да биде пет милиони долари, со вкупно 200 директни вработувања.

– СДСМ затвораше фабрики, ние отвораме фабрики. Македонски Брод ќе стане место каде ќе се произведуваат ресурси за армиите на НАТО и САД, со што ќе се обезбедат најмалку 200 нови вработувања. Е ова ги решава проблемите на луѓето, ова е она во што сакаат да не успорат, да не попречат, но нема да успеат… На 11 декември народот ќе одговори, следува голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, истакна Груевски.

Тој на митингот во Македонски Брод нагласи дека им се потребни 63 пратеници за зачувување на суверена и стабилна Македонија, за да нема пазарења и да нема виткање на кичмата.

Груевски повтори дека овие избори се референдумски. – Сега на 11 декември трет референдум за одржување на сувереноста на унитарноста, цврстината на Република Македонија, рече Груевски.

–  Македонија е горда држава во која генерации Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби, живееле и живеат еден покрај друг. Овде живее горд народ и оваа е држава на сите нас. На оваа земја и е потребен развој, а не прекројувања, десеткувања, рекомпонирања, потенцираше Груевски.

Kандидатот за пратеник и носител на листата на кандидати за пратеници од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ во ИЕ1, Никола Попоски најави изградбата на регионалниот пат Скопје – Македонски Брод.

– Еден од капиталните проекти за овој регион и за Скопје е и изградбата на регионалниот пат Скопје – Македонски Брод која ќе започне во 2017 година. Започната е веќе и тендерската процедура, има јавно надавање и веруваме дека на самиот почеток од 2017 година ќе отпочнат градежните работи. Го реконструиравме регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод во должина од 37 километри во вредност од 282,5 милиони денари, исто така имаме направено повеќе локални патишта, рече Попоски во своето обраќање.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ вечерва ќе ја претстават изборната програма и кандидатите за пратеници и во Кичево.

Би можело да ве интересира

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Петрушевски: Бизнис интересот на СДС и ДУИ направи граѓаните да плаќаат поскапа струја

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било