Актуелниот градоначалник на Кочани и кандидатот за уште еден мандат Ратко Димитровски понуди добро осмислена програма за наредните четири години, како продолжение на претходните активности што дадоа резултати, оцени премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при денешната посета на Кочани.
Се заблагодари на кочанчани за поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и на Димитровски во првиот круг од локалните избори истакнувајќи дека препознале одличен избор за градоначалничката функција.
Димитровски во минатиот период даде се од себе, работеше и покажа голема разлика меѓу неговите предходници и направи конкретни дела и, се разбира, понуди добро осмислена програма за наредните четири години, рече Груевски.
Во програмата на Димитровски, посочи, е предвидено базенот во Кочани со олимписки димензии да биде покриен и затворен и да може да се користи во текот на целата година, а се планира да биде донесена и геотермалната вода која ќе се лади до потребниот степен за користење во базенот.
– Геотермалната вода е на дваесетина метри од базенот и ќе треба мала инвестиција да се искористи во базенот и да можат децата од училиштата да доаѓаат на часовите по физичко. Тоа е многу добра инвестиција, а со неа и реконструкцијата на градскиот стадион која планира Димитровски да ја направи, рече Груевски.
Се планираат, додаде, и други проекти, а еден од главните е изградба на брана на Оризарска река. На подготовката за почнување на активности веќе долг период работат и Владата и градоначалникот, проектите се веќе готови и наскоро треба да се објави тендер за изградба. Димитровски е еден од најголемите поборници за реализација на овој проект. Во текот на ова лето очекувам да започнат работите, посочи Груевски.
