Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.
– Деновиве бележиме 25 години од историскиот момент кога граѓаните на Република Македонија масовно излегоа и гласаа за сопствена независна држава. Вековниот стремеж на Македонците за суверена татковина беше постигнат на 8 Септември 1991 година, датум кој покрај двата историски Илиндени засекогаш ќе остане длабоко врежан во нашата историја и во нашата свест. Нашата генерација веќе четврт век го живее сонот на бројни македонски дејци и херои. Сон кој истовремено е и аманет за нашата и за идните генерации да продолжиме да ја градиме Република Македонија како стабилна и просперитетна држава, вели Груевски во честитката.
Нашата држава во минатото, содава тој, се соочи со бројни предизвици и без разлика дали биле помали, или огромни за една млада демократија како нашата, Македонија пред нив застана исправено и одговори на сите до еден.
– Уште на самите почетоци беа оспорувани нашите одбележја, нашата химна, знаме, име, валута, армија полиција, беше оспорувана способноста Македонија да биде самостојна одржлива држава. Не ги оспоруваа само некои од земјите од соседството, туку и некои од нашите сограѓани кои во тие историски моменти не влегоа со целото срце во битката за независност. За овие 25 години покажавме дека иако не сме огромна држава со неброени ресурси, имаме многу луѓе со големо срце и нескршлива волја кои се способни да изградат силно демократско општество во своја сопствена држава. Ги демантиравме сите оние кои не веруваа во идејата за независна Македонија, вели Груевски во честитката.
Без оглед на сите предизвици со кои се соочи и со кои се соочува, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија од нив излезе посилна и пообединета.
– Така ќе биде и сега и во времето кое доаѓа. Тоа е нашиот завет, тоа е нашата борба. И таа борба, борбата за Македонија, нема никогаш да престане. Овој 8 Септември посакувам да биде дополнителен мотив заеднички и обединети да ги пребродиме и овие предизвици пред кои сме исправени.Но и да биде потсетување на светата обврска која ја имаме и кон оние пред нас и кон оние кои доаѓаат, да бидеме обединети во националните интереси и да го чуваме идеалот за неависна Македонија, потенцира Груевски во честитката по повод Денот на македонската независност.
Само обединети, додава, можеме да ја носиме нашата земја во новото време со сите предизвици и ситуации кои времето ги носи со себе.
– Нека 8 Септември остане силно врежан во нашиот национален код и нека продолжи да биде светилникот на историската визија за благосостојба, хармонија, соживот и разбирање на сите народи и етнички заедници во Република Македонија. Нека идеалите за слобода и независност останат вечни. Нека е вековит празникот 8 Септември, Денот на Независноста! Нека е вечна Република Македонија!, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во честитката по повод Денот на македонската независност.