Американската автомобилска компанија „Амфенол“, која веќе работи во два капацитети во Кочани, до крајот на годинава ќе изгради фабрика и ќе вработи уште 550 лица во овој град во источна Македонија. Американската компанија вкупно ќе вработува 1.300 лица од Кочани и околните места.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска изјави дека е особено горд што неговите и напорите на тимот со кој што работел придонеле за инвестиции во земјата и за намалување на невработеноста.
– Денеска објавив на мојот „Фејсбук“ профил дека имаме нова инвестиција. Американската мултинационална корпорација, која што се наоѓа во првите 500 компании според „Форчун 500“, една од најголемите и најмоќните компании во светот „Амфенол“, која што во Кочани веќе има браунфилд инвестиции не информираше дека ќе отвори трета компанија, која што ќе биде изградена како гринфилд инвестиција. Претходните две се браунфилд, што значи дека се сместија во некои постоечки испразнети погони, додека за третата ќе одат на градење на нова фабрика, нов капацитет, нова хала исто така во Кочани во која што до крајот на годината ќе се вработат 550 лица. Заедно со досега вработените до крајот на оваа година ќе имаат вкупно 1.300 вработени лица, изјави Груевски.