Членството во Унијата се реализира преку долги и тешки преговори и усогласувањa коишто се услов за да се стане дел од клубот. Ние сме свесни за тие услови, но и посветени да ги реализираме пред претседателските избори догодина, порача претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, на денешната седница на која присуствуваа претставници на меѓународната заедница, претставници на граѓанското општество, академската заедница и медиумите.
Груби се заблагодари на бугарско претседавање со Советот на ЕУ за, како што рече, Софиската посветеност за евро-атлантска интеграција на земјите од Југоисточна Европа.
„Австрија го презеде претседавањето во турбулентно време за Унијата, со реформски идеи за функционирањето на унијата, брегзит, мигрантската криза, претстојни избори во институциите на ЕУ, но и со наследен успех за земјите од нашиот регион, со усвоена Стратегија за проширување и датум за преговори за Македонија и Албанија по позитивните извештаји и препорака од страна на Комисијата“, рече Груби.
Нашата посветеност, порача тој, се докажа преку консенсуално исполнување на сите приоритетни реформи, заокружување на нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор, Добрососедскиот договор со Република Бугарија, Договорот за спорот со името со Република Грција и неговата ратификација во Собранието, но и втората и конечна потврда на тој договор којашто ќе следи по три дена во Собранието.
Промената во општествениот менталитет во Македонија, според Груби, е најдобар доказ дека реформите првенствено ги реализираме за себеси, за подемократско општество, за одговорно судство и обвинителство, за целосна одговорност за корупциски случаеви и организиран криминал на највисоко ниво во редовите на политиката и судството, но и активни и истовремено општествено одговорни медиуми и граѓански организации.
„Пред нас се уште други преголеми предизвици, како што е изјаснувањето на граѓаните, уставните амандмани, континуирани реформи, реализирање на програмата, развој, одговорност и казнивост каде што се утврдува криминал на секое ниво. Сето ова го постигнавме со тешко закрпена и минимална коалиција, но со голема пожртвуваност и посветеност, како и со пркос кон закани и предизвици. И готови сме да го завршиме започнатиот пат, затоа што сме убедени дека е правилниот за нашата држава. Ние го реализираме нашиот дел, но имаме неспоредлива потреба и Европската Унија, секоја од земјите членки посебно, исто така да биде на ниво на задачата и основачкиот дух врз којшто се засноваат темелите на Европскиот мировен проект“, додаде Груби.
Ние сме додадена вредност за посилна и побезбедна Унија, ние сме решение, а не проблем и тоа се покажа во најсилно светло за време на мигрантската криза, заврши Груби.
