Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби изјави дека е откажан големиот концерт по повод прославата на 20 години од Охридскиот рамковен договор со што Министерството покажува доблесност и ги уважува препораките за заштита од Ковид-19. Ова Груби го истакна во Тетово каде на Универзитетот на Југоисточна Европа се одржа панел-дискусија по повод 20 годишнината од Охридскиот договор.
-Согласно програмата за одбележување на Охридскиот рамковен договор предвиден огромен концерт на плоштадот Македонија во Скопје, вечерта на 13 август кој што решивме да не го одржиме, согласно новите состојбите со инфекциите од коронавирусот и затоа покажуваме дека сме доблесни и дека разбираме и ги откажуваме сите можни манифестации каде има ризик од зараза, изјави Артан Груби.
Сепак останува да се одржи прослава во хотел каде се предвидени да присуствуваат околу 200 луѓе.
-Сите настани и денешниот се согласно протоколи за Ковид и централниот настан во хотел Александар Палас на 13 август ќе биде во сала која собира 1500 луѓе, а ќе присуствуваат не повеќе од 200 луѓе кои ќе носат маски, ќе бидат со оддалеченост поголема од 1,5 метар еден од друг, мерење на температура пред влезот. Затоа не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјални мрежи. Се надевам дека не се однесува на Охридскиот рамковен договор и на неговата имплементација туку е навистина е загриженост на сите тие околу здравствените протоколи, рече вицепремиерот Груби.