Премиерот Зоран Заев денеска, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Дендиас, со кого позитивно го оценија динамизирањето и континуираното зајакнување на политичкиот дијалог во последните неколку години, со цел градење пријателство и доверба меѓу двете соседни земји.
На средбата, на која дел од повеќечлената грчка делегација беше и заменик-министерот за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис, премиерот Заев посакувајќи му срдечно добредојде на шефот на грчката дипломатија Дендиас, изрази благодарност за поддршката која грчката Влада ја дава на нашата земја во однос на успешно остварување на нашиот пристапен процес за членство во ЕУ, соработката на промовирање на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и помошта за совладување на здравствено-економската криза која беше предизвикана од пандемијата од КОВИД-19.
Денешната средба, премиерот Заев ја искористи да ја информира грчката страна за значајните активности кои од страна на државата се преземени за прилагодување на обврските од Договорот од Преспа, како и натамошни планирани соодветни процедури.
„Нашата Влада смета на грчка поддршка меѓу земјите членки на ЕУ во однос на нашето членство, бидејќи тоа е нашата единствена алтернатива и од особено значење и важност се односите и соработката меѓу нашите две земји за нашето пристапување во Европската Унија“, рече премиерот Заев оценувајќи го особено позитивно периодот по Преспанскиот договор, за кој е карактеристично интензивирањето на пријателските односи особено преку средби, контакти и иницијативи спроведени на сите нивоа.
На денешната средба беше констатирано дека соработката на земјите членки на Европската Унија е доказ дека сите отворени прашања можат да се решат преку дијалог, а за тоа се доказ многу поранешни несогласувања меѓу земјите, кои денеска имаат одлична соработка на сите нивоа.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, исто така оствари средба со Дендиас, во рамки на неговата работна посета на земјава.
На средбата беше истакната подготвеноста од двете страни за обезбедување континуитет во спроведувањето на Договорот од Преспа, имајќи го предвид поволното влијание врз билатералните односи во услови на зголемена економија, стабилност и просперитет за двете земји. Посебен фокус беше ставен на прашањето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, при што вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката од Грција.
„Воспоставеното пријателство меѓу Северна Македонија и Грција се реализира преку конкретни проекти од заемен интерес, но нашата долгорочна визија е градење на заедничка европска иднина, поради што ЕУ мора да го исполни сопственото ветување кон Северна Македонија и регионот, и да ја спроведе одлуката за отворање на пристапни преговори. Надминувањето на пречките во тој контекст е прашање што е од интерес и за земјите членки, за Грција како наш сосед, но и за ЕУ и нејзиното стратешко делување во Западниот Балкан”, изјави Димитров.
Од грчка страна беше потврден ставот дека европската перспектива на Северна Македонија треба да биде заокружена со членство во ЕУ што влијае и на развојот на модалитетите на билатералната соработка и добрососедските односи во регионот. МНР Дендиас посочи дека таквата поддршка ќе биде афирмирана и во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ со цел усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија за да се означи официјален почеток на пристапните преговори.