Грчева: Нема легитимитет без опозиција Комисијата за надзор над прислушувањето

Од:

По прв пат од последните парламентарни избори денеска во Собранието заседаваше Комисијата која треба да врши надзор врз примената на посебната истражна мерка следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање, во Управата за финансиско работење, Царинската управа и во Министерството за одбрана. Иако според Законот мнозинството на оваа комисија е од страна на опозицијата, со неа денес претседаваше пратеникот Павле Саздов, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата се одржа во присуство на три члена, од вкупно пет. Пратеничката Солза Грчева ја претставуваше опозицијата, а Талат Џафери ДУИ, со што, според Саздов, беа исполнети условите за полноправно да се одлучува. На ова се спротивстави Грчева според која оваа собраниско тело не може да носи одлуки без претседател и заменик претседател предложен од опозицијата, како што наложува законската регулатива.

И покрај противењата, со гласовите на Саздов и Џафери беше изгласан Деловникот за работа. Тој предвидува со одлука на мнозинството членови Комисијата да побара од институциите да врши надзор врз примената на посебната истражна мерка, но само откако институцијата ќе го одобри барањето. На ова Џафери предложи во иднина да се донесе промена на законските одредби, така Комисија нема да носи одлука за да изврши надзор, туку тоа да можат да го прават пратениците по своја одлука и со помош на стручни лица упатени во напреднатата технологија.

-Ние како пратеници немаме техничка можност да ги повратиме од хард дискот во системот, на пример избришаните податоци дека некој бил прислушуван – рече тој.

Џафери додаде дека во минатиот мандат Комисијата испратила конкретно прашање до одредена институција дали било вршено прислушување врз одредено лице, но институцијата одговорила негативно, за подоцна, да се испостави, рече тој, дека лицето сепак било прислушувано. Иако два пати го спомена овој случај, Џафери не прецизираше за која институција и за кое лице станува збор.

Грчева реплицираше дека за работењето на Комисијата не претставуваат проблем техничките можности, туку фактот што од неа отсуствува опозицијата.

-Како ќе се контролираат државните институции кога нема опозиција? Како власт преку ваква комисија има намера да го прави тоа? Техничките моменти можат да се решат, но прашањето е политичко, затоа што Комисијата е хендикепирана. Ние треба да имаме мнозинство од опозицијата, а тоа го немаме. Каков надзор ќе врши власт врз институциите кои ги окупирала според извештајот на Прибе? Како ВМРО-ДПМНЕ ќе претседава со оваа Комисија? Не го гледате ова прашање како доволно важно. Се работи за политичка волја за прашање кое со месеци ја тресе цела држава. Има ли политичка волја вие да извршувате надзор? – ги праша Грчева своите колеги.

Претседавачот Саздов, пак, зборуваше од аспект дека кога опозицијата би се вратила во Собранието, одредбите на Деловникот би добиле смисла, но додаде, тоа не значи дека немаат смисла ни сега.

Освен што го изгласа Деловникот, Комисијата со три члена денеска донесе одлука со која членовите ќе можат да извршат работна посета во институциите каде се употребува посебната истражна мерка прислушување. При тоа беше напоменато дека оваа работна посета не вклучува надзор, туку само запознавање со работата.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште