Граничниот премин „Евзони“ затворен и вечерва

Од:

Кусо по 18 часот попладнево по локално време, грчките земјоделци одново го затворија граничниот премин Евзони и веќе речиси четири часа во прекин е сообраќајот за влез и излез од Грција, а поради блокадите, граѓаните кои планираат да патуваат кај јужниот сосед, најдобро е да го користат граничниот премин Дојран.

Евзони попладнево беше само неколку часа отворен, за да поминат камионите кои чекале за излез од Грција, но и автомобилите заглавени во делот меѓу двете граници.

Земјоделците од регионот на Пеонија, веќе четврти ден имаат паркирано над 150 трактори на грчката страна од граничниот премин, а денеска пристигнаа дополнителни околу 130 трактори од градот Јаница.

Според информациите на МИА, грчките цариници ги информирале нивните колеги, автобусите и автомобилите кои стигнуваат на Евзони да ги пренасочуваат кон Дојран.

Конкретниот граничен премин, засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.

На Ники (Меџитлија) претпладнево стигна конвој трактори и кусо го блокираа сообраќајот за влез и излез од Грција.

Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на граничните премини и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.

Оваа пракса веројатно ќе се следи и во следните денови, а земјоделците, барем засега, немаат намера да отстапат.

Во внатрешноста на Грција, кај месноста Никеа во близина на Лариса има околу 1.800 трактори и затворен автопатот Солун-Атина, кај градот Кардица во блокот учествуваат над 2.000 трактори, а блокада има и на излез од Солун во правец кон Атина.

На повеќе локации каде што се блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.

Грчките земјоделци, протестите ги започнаа во неделата, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.

Би можело да ве интересира

Целосна блокада на „Евзони“ за влез во Грција

А1он

Повторно попладневни блокади на граничните премини „Евзони“ и „Ники“ кон Македонија

Нема да има блокади на границите кон Грција за празниците

АМСМ: Од 17.30 часот во прекин сообраќајот на ГП Евзони (Богородица)

Граничниот премин „Евзони“ затворен од 18 до 22 часот

Горан Наумовски

Граничниот премин „Богородица“ е затворен за сообраќај