Денеска, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, потпиша договори за привремено вработување на образовни асистенти во основните училишта кои се под надлежност на локалната самоуправа.
Во просториите на Општина Кисела Вода градоначалникот Темелковски заедно со избраните ги потпишаа договорите за нивно привремено вработување за работа со ученици со посебни образовни потреби.
Имено, Општина Кисела Вода претходно објави јавен оглас за времено вработување на десет образовни асистенти со завршено високо образование-профил дипломиран дефектолог, педагог, психолог, одделенски наставник, предметен наставник, во основните училишта кои се под нејзина надлежност. Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаа сите невработени лица, при што предност имаа лицата кои за прв пат се пријавија за учество во Програмата.
Проектот „Се грижиме и ги воспитуваме најмладите“ Општина Кисела Вода го реализира врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РМ (АВРМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година усвоен од Владата на Република Македонија, Програмата Општинско – корисна работа финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РМ.
Овој проект локалната самоуправа успешно го реализира четврта година по ред.