Градоначалникот на општина Битола Наташа Петровска изврши увид на градежните активности и реконструкцијата на северниот влез на градот кои ги врши ЈП „Нискоградба“-Битола, како и на регионалната обиколница Прилеп-Битола-Охрид која подолго време е забранета за сообраќај.
Според градоначалничката Петровска, сообраќајниот влез во Битола од страната на градот Прилеп долго време бил запоставуван, но со ангажманот на локалните власти и поддршката на ЈП Државни патишта на Република Македонија, наскоро ќе има ново и модерно сообраќајно решение.
– Задоволна сум од почетокот на работите на кои им претходеше успешно лобирање пред ЈП Државни патишта на Република Македонија кои синхронизирано со локалното ЈП „Нискоградба“ ќе овозможат заеднички да го уредиме влезот во Битола. Ние одлучивме да не вршиме само покривање на проблемот со асфалтирање на коловозот, туку најнапред ќе го решиме проблемот со атмосферските води, а потоа ќе ставиме нов квалитетен асфалт. Паралелно со изведбените работи ќе ја отстрануваме и зачуваме камената коцка која досега била покривана со асфалт, а сега истата ќе ја ставиме во функција на други инфраструктурни проекти, посочи Петровска.
Општина Битола за реконструкција на влезот и ново булеварско решение издвои над 8 милиони денари, а дополнителни средства ќе обезбеди и ЈП Државни патишта на Република Македонија.
– Булеварскиот влез во градот ќе биде решаван фазно со цел битолчани но и гостите на градот безбедно да возат и да не се соочуваат со проблеми врз своите автомобили како што тоа досега беше од големите дупки на патот. На овој дел на градот, но и на обиколницата над градот ќе има регулиран сообраќаен режим за возење и стручните лица ме уверија дека нема да има никаков застој во сообраќајот како на северниот влез, така и на обиколницата, појасни Петровска.
На новинарско прашање во врска со проблемите со училишниот превоз за учениците од битолската Гимназија и средното медицинско училиште, градоначалничката Петровска одговори дека во моментов се водат преговори со дел од автопревозниците.
-За овој проблем информирани се Бирото за јавни набавки и Министерството за образование и наука од кои очекуваме јасни насоки за решавање на овој чувствителен проблем и да не се повторуваат претходни грешки, а притоа за учениците да биде обезбеден навремен и регулиран превоз, истакна Петровска.
На денешната прес-конференција во Битола градоначалничката Наташа Петровска најави средба со претставници на авто-школите во овој град со кои заеднички ќе биде донесено решение за изградба на нов сообраќаен полигон за учење и полагање возачки испит. Полигонот ќе биде лоциран во населбата Горно Оризари.