Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам вели дека не е надлежен за дваесеткатницата што почна да се гради спроти „Холидеј Ин“ оти е градба од втора категорија, но поради многубројните претставки што ги добил од граѓаните и од Инспекцискиот совет, се изјасни за овој случај. За „А1он“ од Инспекторатот изјавија дека сметаат дека Општина Центар треба да ја сопре изградбата.
„Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам утврди дека во претставките граѓаните забележуваат повеќе можни неправилности во водење на постапката на издавање на одобрението за градење, кои не се во домен на надлежностите на Инспекторатот и укажа дека надлежните органи треба да се произнесат по забележаните неправилности. Бидејќи инвеститорот започна со изградбата на објектот, пред надлежните органи да се произнесат со свое мислење, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам смета дека Општина Центар треба да ја прекине понатамошната изградба на објектот и Комисијата за урбанизам при Општина Центар, Секторот за урбанизам при Општина Центар како и градоначалникот на Општина Центар и Советот на Општина Центар да се произнесат по забележаните неправилности при издавањето на одобрението за градење“, велат од Инспекторатот.
За ваквиот став Инспекторатот испратил известување до Општина Центар и до Инспекцискиот совет, а известување со детално објаснување на целиот случај испратиле и до граѓаните од кои добиле претставки со барање за вонреден инспекциски надзор поради неусогласеноста на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план за Скопје (ГУП).
Скопјани минатата недела преку протест организиран симболично пред Обвинителството побараа токму Обвинителството да постапи по иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдување одговорност за донесување на планот со кој се предвидени висококатниците кој не е во согласност со ГУП. На протестот „Зелен хуман град“ јавно го повика и Инспекторатот да се изјасни за овој случај и најави кривична пријава доколку не добијат одговори на сите поставени прашања за кои, пак, од Инспекторатот велат дека им се одговорени.
Додека траат институционалните преписки, инвеститорот, „МГ Фешн“ продолжува со градба на првата дваесеткатница од планираните три и ги повикува сопствениците на имот на парцелите спроти „Холидеј Ин“ да се договорат за обесштетување со објаснување дека во планот има предвидено и парк голем колку Плоштад Македонија. Инвеститорот тврди дека одобрението за градење му е законски издадено и покрај тврдењата дека не може дозвола издадена по нелегален план да биде легална.
Од Општина Центар засега нема најава дека Советот ќе расправа за овој случај, ниту пак известување дали општинската градежна инспекција ќе преземе мерки откако почна градењето.