Град Скопје: Граѓаните може да продолжат да се пријавуваат за субвенции за чистење на оџаците

Од:

Град Скопје го продолжува доделувањето субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

„Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.

Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени околу 230 барања од граѓаните.

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за добивање субвенции се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да ги достави следните документи:

– Барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk);

– Доказ за жителство во град Скопје: Фотокопија од лична карта или пасош;

– Доказ за правен субјект: Тековна состојба не постара од 6 месеци;

– Потврда за реализирано чистење на оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот;

– Фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности);

– Фотокопија од трансакциска сметка / жиро-сметка.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Градот Скопје, е нарушениот квалитет на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на домовите кои не се приклучени на централно греење, пред се заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Градот во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија спроведоа обуки за 15 нови оџачари. Првиот тим од 10 оџачари кои ја завршија обуката започнаа со чистење на 100 оџаци на домаќинства кои се пријавија на повикот за бесплатно чистење на оџаците.

За потсетување, во Скопје има само 8 регистрирани оџачари, а 45% од вкупниот број на домаќинства во Скопје се греат на дрва, односно тоа е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во Скопје. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци кои многу ретко се чистат, а општо познато е дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.

Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена“ се вели во соопштението на Град Скопје.

Би можело да ве интересира

Славески: Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје

Предраг Петровиќ

Приватните превозници во Скопје повторно се исклучија од сообраќај

ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија

Катерина Ѓуровски

Скопје повторно меѓу петте најзагадени градови во светот

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје