Започнаа работите околу реконструкција на помошниот фудбалски стадион, кој се наоѓа во близината на градскиот стадион во Гостивар, како проект што го реализираат локалните власти во соработка со УЕФА.
Со новите услови и стандардите што ќе ги понуди инвестицијата во вредност од 300 илјади евра, гостиварци конечно ќе добијат современ спортски терен за одржување натпревари и бесплатен тренинг на фудбалските екипи, велат од Општината.
По целосното раскопување на постојниот теренот, градежната фирма ќе постави нова дренажа, ќе го тампонира и ќе го израмни теренот, по што на крајот ќе биде поставена вештачка трева.
„Ова е проект со кој спортот ќе може да се одвива по стандардите на УЕФА,а граѓаните ќе имаат добар терен за да тренираат европски. Вакви терени имаат само големите клубови низ Европа, така што младите што се занимаваат со спорт ќе имаат добри услови за да тренираат како што треба”,смета нашиот фудбалски интернационалец Арџент Беќири.
Според најавите, новиот фудбалски стадион за спортистите ќе биде отворен кон крајот на септември годинава.
Г.М.