Во Гостивар се враќа зонското паркирање. Денес се потпиша договор за јавно-приватно партнерство кој што на претпријатието за управување со јавни паркиралишта и на граѓаните на Гостивар, ќе им донесе многу придобивки, а следната година ќе се применува и смарт-систем, прв од ваков вид не само во Македонија, туку и на Балканот.
Во просториите на Општина Гостивар, денеска беше потпишан договор за јавно-приватно партнерство помеѓу ЈП “јзавни паркиралишта и зеленило” и Електро Софт Инженеринг. Потпишаниот договор оди во корист на Општина Гостивар и нејзините граѓани, и истиот доаѓа неколку месеци по поништувањето на штетниот договор склучен во минатиот мандат.
Договорот беше потпишани во присуство на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, а истиот во име на ЈП “Јавни паркиралишта и зеленило” го потпиша директорот Музафер Зулбеари, а во име на “Електро Софт Инженеринг“, директорот Златко Ризов.
„Според претходниот договор склучен помеѓу поранешното општинското раководство и тогашниот приватен партнер, 62% од средствата што се собираат од наплатата за паркирање одеа за јавното претпријатие а за приватниот партнер 38 проценти. Договорот кој го потпишавме денеска е многу поповолен во однос на претходниот, затоа што дури 90 проценти од средствата ќе одат за општината односно за јавното претпријатие, а само 10 проценти за приватниот партер. Очекуваме зонското паркирање да започне со работа во рок од две недели, а новитет ќе биде воведувањето на сензори и светлосна сигнализација со што возачите ќе можат да се информираат во секое време, каде има слободно паркинг-место, така што не ќе треба да талкаат по улиците за да најдат паркинг, да трошат повеќе гориво а со тоа и повеќе да го загадуваат воздухот“, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари по потпишувањето на договорот.
Директорот на „Електро Софт Инженеринг“, претпријатието што го доби тендерот, изјави дека по две недели започнува првата фаза на проектот, што значи дека ќе почне да функционира зонското паркирање, во втората фаза ќе бидат пуштени во употреба два затворени паркинзи, а во третата фаза , наредната година, ќе започне примената на сензори.
„Примената на системот со сензори подразбира дека возачите преку мобилен телефон ќе можат точно да знаат каде има слободен паркинг, а и без таа апликација на мобилен ќе можат да се ориентираат преку инсталираната светлосна сигнализација. Кога ќе го направиме тоа, Гостивар не само што ќе биде првиот град во Македонија со такво паркирање, туку најверојатно и на Балканот”, изјави директорот Златко Ризов.
„Како што ветивме кога го раскинавме претходниот договор, така и се случи, значи потпишавме денес договор во корист на нашето претпријатие и на граѓаните на Гостивар. Средства од профитот, каде што за нашето претпријатие одат 90 отсто, ќе ги инвестираме за одржување на постојните и за проширување на зелените површини на територијата на општина Гостивар”, истакна директорот на ЈП „Јавни паркиралишта и зеленило“, Музафер Зулбеари.
Цените на услугите според зони остануваат исти.