Општина Центар, во соработка со Градот Скопје и ЈП Комунална Хигиена, започна со спроведување на голема акција за расчистување на дивите депонии и ѓубришта на јавни површини на целата територија на Општината.
Локациите подолго време се запуштени и претставуваат жаришта на заразни болести и опасност по здравјето на граѓаните.
Акцијата започна од локацијата на Кале, конкретно улицата што води од улица Самоилова кон економскиот влез на Американската Амбасада, каде што со механизација се исчистија околу 140 метри кубни отпад, оставени од несовесни граѓани, но и градежен шут исфрлен со камиони. Тротоарите на улицата беа целосно затворени од оставен песок, камења и цврсти отпадоци.
Општина Центар вчера започна со чистење на локацијата под Кале, по должина на кејот на реката Вардар, на потег од Управната зграда на Царина кон Железничкиот мост до автополигонот на Авто-мото Сојуз, каде што со механизација се чисти површина од околу 10.000 м2, на која е собран околу 200 метри кубни отпад.
Се работи за голема локација, која што повеќе години е запуштена и најчесто ја користат диви препродавачи. Станува збор за комунален отпад, градежен шут, предмети од домаќинство, искршени електрични апарати, прекривки, облека, обувки, хартија и слично.
Истовремено, се спроведува акција и низ другите урбани заедници во општина Центар, каде што се чистат помали диви депонии. Досега, исчистени се следниве локации: во Капиштец – ул. Козара кај бр. 23, градежен шут (2м3); ул. Козара бр. 27, околу (4м3); ул. Елисие Поповски, до контејнерите, како и пред влезот на Завод за рехабилитација, гранки (4м3); на Кале – кај Теќето, кај трансформаторот (околу 5м3); во Буњаковец – ул. Киро Крстевски Платник, агол со улица Рајко Жинзифов (3м3); на ул. К. К. Платник, до контејнерите, спроти средно Уметничко училиште (2м3); ул. Никола Тримпаре со ул. Ленинова (2м3).
Денеска акцијата ќе продолжи во Капиштец, на ул. Народен Фронт и Васил Ѓоргов.