Хуманоста не познава граници. За тоа доказ е големиот хуманитарен настан кој во недела во клуб-ресторанот МКЦ со почеток од 20 часот ќе ги обедини сите хуманитарци – љубители на танцот, филмот и глумата.
Во организација на младите волонтери при општинската организација на Црвен Крст Центар, во рамки на Неделата на промоција на хуманите вредности, оваа недела клуб-ресторанот МКЦ ќе биде местото каде ќе можете да се запознаете со приказната за ПХВ циклусот и да бидете дел од големото ПХВ шоу.
Од минатата година во рамки на програмата за промоција на хуманите вредности (ЦКА-ПХВ), се одбележува Неделата на промоција на хуманите вредности, која со одлука на извршниот одбор на Црвениот крст на Македонија се реализира од 21 до 27 септември.
Волонтерите при ООЦК Центар ветуваат одлична забава со многу креативни содржини, а во рамки на програмата е промоција на документарен филм во продукција на GPTM Production и стенд-ап шоу со Бојан Велевски, за забавата да кулминира со настапот на бендот Problem Solved.
Влезот чини симболични 30 денари, додека парите собрани од овие хуманитарни ПХВ шоуа низ целата држава ќе бидат искористени за помош на една целна група. Преку овој чин Црвениот крст се обидува да покаже колку се младите силни кога дејствуваат заедно.