Подготвеноста за вакцинирање против КОВИД-19 расте со довербата во јавните институции. Конспиративните теории за Ковидот се најпопуларни во земјите од Западен Балкан. Од државите во регионот, поддршката за членство во ЕУ и НАТО е најсилна во Северна Македонија.
Ова стои меѓу другото, во новиот Извештај ГЛОБСЕК трендови 2020, што ги опфаќа резултатите од испитувањето на јавното мислење направено со телефонски интервјуа во периодот септември /октомври на репрезентативен примерок од најмалку 1000 испитаници од девет држави од Централна и Источна Европа и од Западен Балкан – Северна Македонија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, , Полска, Романија, Србија и Словачка.
Според Извештајот, повеќе од 1/3 од испитаниците веруваат во конспиративни теории поврзани со КОВИД-19. Во согласност со овие резултати, подготвеноста за вакцинирање против КОВИД-19 во регионот е на само 37% помеѓу луѓето. Процентот, сепак, расте до 53% помеѓу оние што имаат доверба во државните институции.
-Овие резултати покажуваат колку е инструментално доброто владеење и довербата во јавните и државните институции, особено во време на криза. Јавните институции треба да ги засилат нивните напори за стратешка комуникација и да направат сè што е во нивна можност да ја зголемат општествената доверба веднаш, потенцира Мирослава Савирис, истражувач од ГЛОБСЕК Институтот и еден од авторите на извештајот.
Силно одекнуваат наративите на разделување што го допираат идентитетот и вредностите. Имени, Извештајот исто така се фокусира на распространетоста на наративите на разделување и омраза во општеството. Според извештајот, иако луѓето генерално даваат поддршка за членството во ЕУ и НАТО и ја поддржуваат демократијата, во исто време, значаен дел од испитаниците ја гледаат демократијата како закана кога демократијата е опишана како либерална (41%) и многумина ја гледаат ЕУ како некој што им „диктира“ на нивната држава што да прави.
-Наративите што ги демонизираат „другите“ и ги поткопуваат суштинските демократски вредности и нашето ЕвроАтлантско партнерство во голема мера се експлоатирани од страна на политичките актери во регионот. Наводно широк опсег од различни групи претставуваат закана за вредностите и идентитетот на испитаниците, групи што се протегаат од либерали, мигранти, ЛГБТ+ заедницата дури до Соединетите Американски Држави. Таквата „другизација“ и поларизација можат да се развијат во домашни културни војни, додаде Катерина Клингова, истражувач од ГЛОБСЕК Институт и уште еден од авторите на извештајот.
Во однос на проектирањето на рускиот имиџ, истражувањето покажува дека регионот исто така е наклонет кон про-руските сентименти и оттука им верува на наративите што примарно ги шири Русија. На пример, речиси 4 од 10 испитаници во земји-членки на НАТО веруваат дека Алијансата ја провоцира Русија преку поставување на воени бази близу до границите на Русија, наратив што честопати го шират про-Кремлин онлајн медиуми. „Про-руските сентименти се особено силни во Бугариа, Словачка, Србија и Црна Гора. Овде чуството за Русија како „моќен словенски Брат“ резонира помеѓу ¾ од испитаниците, вели Даниел Мило, виш советник во ГЛОБСЕК Институт.
Како резултат на тоа, се посочува, перцепцијата за Русија како закана за безбедноста на овие земји е на ниско ниво. Вслушност, перцепцијата за Русија и Кина како закана се има намалено од 2019.
-Мнозинството од луѓето во овој регион ги сметаат Русија и Кина како закана за безбедноста на нивните држави. Мнозинството од луѓето само велат дека нивната држава е многу мала за да претставува грижа за големите сили, што претставува опасен пристап што е во спротивност со извештаите на тајните служби на многу држави во регионот, објаснува Доминика Хајду, истражувач на ГЛОБСЕК од тимот на авторите.
Според Извештајот, поддршката за членство во ЕУ и НАТО во Северна Македонија е најсилна во регионот на Западен Блакан. Исто така, 31% и 28% од испитаниците соодветно ги гледаат ЕУ и САД како нивен стратешки партнер.
Многу про-руски симпатии и наративи резонираат помеѓу Македонците. 48%, на второ место во регионот, сметаат дека западните земји честопати неправедно ја обвинуваат Русија за незаконско или измамничко однесување. Наспроти зголемениот интерес на глобалните играчи во државите од Западен Балкан, 66% и 62% од Македонците, соодветно, не ги гледаат Русија и Кина како закана за нивната држава. Само 54% од Македонците, најмалку во регионот, сметаат дека да се има демократски политички систем со редовни избори и повеќепартиски систем е добро за нивната држава, истакна Илија Џугуманов од претседателство на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, директор на проектот за Македонија.