Државата успеа да ја намали корупцијата на пониските ешалони и ние мислевме дека тоа е добро, дека навистина се занимава со борба против корупцијата, меѓутоа од друга страна гледаме дека постои некој вид на организиран грабеж на општествениот имот на највисоко ниво, вели стопанственикот Венко Глигоров во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Вие сте успешен стопанственик чија работа е директно поврзана со економските политики во земјава. Токму затоа ве прашувам, навистина ли бизнис климата во Македонија е толку поволна како што нè уверуваат надлежните?
Добро, јас сум стопанственик, но поголем дел од моето време го користам на анализи, соработка со други бизнисмени, активен сум во тие општествени дејности, имам прилично добра комуникација и може да споделам прилично добра анализа. Некако се издвојуваат неколку групи на бизнисмени кои ја оценуваат бизнис климата, односно опкружувањето. Оние извозно ориентираните од трговските зони, Бунарџик и останатите, тие се релативно задоволни зашто ние им плаќаме сè, немаат многу директни допирни точки со домашното стопанство, освен со неколку фирми, така што тие, може да се каже дека се задоволни или биле задоволни. Сега политичката ситуација малку ги загрижува, но генерално се задоволни. Има фирми коишто соработуваат со власта, земаат тендери и слично, тие ќе ви кажат дека е супер деловната клима, ваква влада немало досега и нема ни да постои, меѓутоа имате една многу поголема група на реални бизниси, коишто не работат директно со државата, коишто се мачат секојдневно со предизвиците и со бизнис климата, но и со купувачи и добавувачи и тие може да кажат дека олку лошо не било можеби 25 години, уште од транзицијата. Останува уште една мала група реални фирми коишто работат извоз и коишто се релативно задоволни од пласманите, но не се задоволни од целокупната клима во Македонија, ги загрижува ситуацијата, протести, премногу раскараност, поделеност, има исто така и неликвидност и во голем дел непрофесионалност од државните институции.