Гласање само со биометриски лични документи

Од:

Право на глас на следните избори да имаат државјани на Република Македонија кои поседуваат важечки лична карта или пасош, е една од препораките на работната група за прочистување на Избирачкиот список што се состана денеска.

Според последниот извештај на МВР, 132.893 државјани на Република Македонија се без биометриски и важечки лични документи, а 32.070 од нив живеат надвор од државата. Вкупниот број на избирачи согласно 31 октомври 2012 изнесува 1.878.029.

Државната изборна комисија изработи спот кој ќе се емитува на јавниот сервис и со кој ќе ги повика граѓаните кои се уште немаат извадено биометриски документи да го направат тоа. Исто така, членови на работната група се согласни на теренска проверка, но според Бедредин Ибраими од ДИК тоа треба да се направи по завршувањето на работота на Избирачкиот список. За таа цел, според него, треба да се одвојат 10 милиони денари и да се ангажираат лица што ќе го направат тоа, но тоа нема да помогне за прочистување на Избирачкиот список.

Ибраими, кој ја предводи работната група, по состанокот истакна дека за да се задржи постигнатиот квалитет во однос на водењето, состојбата и тековното ажурирање на Избирачкиот список, се укажува на сите надлежни органи и институции кои се вклучени во оваа постапка и понатаму посветено и навремено да постапуваат согласно надлежностите предвидени во законските прописи.

Управата за водење на матични книги направила проверка на 67.501 лице кои последен пат се јавиле за личен документ во периодот од 2000 до 2012 година и притоа е констатирано дека 468 починати се запишани во матичните книги, но не се избришани од списокот на МВР. Кај 163 имало несовпаѓања на тековниот број во матичните книги, деветмина добиле отпус на државјанство, 51 лице според сознание на матичар биле починати, но нема кој да ја пријави смртта согласно законот, 280 се со непознат статус или промена на име, а 574 се во странство.

Опозицијата, според Јани Макрадули од СДСМ, има дилеми во однос на бројките за лицата што немаат нови документи поради големите разлики меѓу нив по општини. Како пример посочи на Битола каде што тој број изнесува над 13.000, општините Центар и Чаир со по над 4.000 лица во однос на пример на Аеродром каде има над 250 лица без документи. Тој исто така побара и бројка по општини за тоа колку лица извадиле лични документи во последните месеци. Притоа тој посочи на информациите што неговата партија ги пласираше дека во одредени општини се издаваат нови лични документи за да се зголеми бројот на гласачи. Во таа насока од Ибраими од МВР побара на следниот состанок да биде доставена листа со бројки по општини за да се види дали некаде тие се зголемуваат.

За разликата од 24.000 гласачи во Избирачкиот список на МВР и на тој што го ажурира ДИК, објаснувањето беше дека на списокот на изборната комисија ги нема лицата кои во текот на оваа година ќе станат полнолетни.

Во заклучоците се наведува и барањето за прекројување на изборните единици бидејќи Изборната единица шест повторно го надминува лимитот од – 5 отсто до + 5 отсто во однос на просечниот број на избирачи.

Следниот состанок на работната група, според Ибраими, кој воедно ќе биде последен, ќе се одржи во првата половина на декември оваа година.

Би можело да ве интересира

Арсенал оружје пронајден кај вработен во МВР, обвинителството бара притвор

Катерина Ѓуровски

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он