Во Државната изборна комисија (ДИК) денеска се одвива гласањето на избирачкото место 5050 на членовите на избирачките одбори кои во сабота треба да го спроведат гласањето за вториот круг од претседателските и предвремените парламентарни избори закажани за в недела.
Запишани во избирачкиот список на ова избирачко место се 326 лица. Оваа бројка е зголемена во споредба со првиот круг од претседателските избори кога беа 294, имајќи предвид дека во Венеција, Берн и Виена се формираа уште по едно избирачко место поради зголемувањето на бројот на гласачите.
Во дијаспората на предвремените парламентарни избори ќе гласаат 27.828 гласачи, додека за вториот круг од претседателските 8.332. На избирачките места ќе има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори.
За предвремените парламентарни избори во ИЕ 7 (Европа и Африка) прифатени се пријавите на 18.911 македонски државјани, во осмата (Северна и Јужна Америка) 3.337, додека во ИЕ 9 (Австралија и Азија) 1.534.
За вториот круг од претседателските избори во ИЕ 7 треба да гласаат 5.892 македонски државјани, во ИЕ 8 – 1.426 и во деветката -1.014.
Вкупно право на глас за предвремените парламентарни избори, според Избирачкиот список, имаат еден милион 780 илјади и 128 гласачи, додека за вториот круг од претседателските избори еден милион 779 илјади и 572 гласачи.
По изборни единици за парламентарните избори во првата запишани во ИС се 297.686 гласачи, во ИЕ 2 306.067, во ИЕ 3 280.891, во четвртата 280.810, во ИЕ 5 286.434 и во шестата 304.458 гласачи. Најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во ИЕ 7 (Европа и Африка) 18.911, во осмата (Северна и Јужна Америка) 3.337, додека во ИЕ 9 (Австралија и Азија) 1.534.
Утре ДИК ги презема избирачките ливчиња од битолската печатница „Киро Дандаро“ и ќе ги доставува до општинските изборни комисии.
До петок треба да се знае и конечниот број на прифатени барања за гласањето на болните и немоќните и конечниот број на набљудувачите на двојните неделни избори во Македонија.
Во петок на полноќ завршува изборната кампања, а во сабота гласаат македонските државјани во дијаспората, болните и немоќните, затворениците, внатрешно раселените лица и оние во домашен притвор.
Во недела во Македонија ќе се одржи вториот круг од петтите претседателски избори и предвремени парламентарни избори.