Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите изјави дека мандатот на СЈО за отворање и спроведување истраги завршил. Како што кажа тој, согласнот законот на 30. јуни истекол рокот од 18 месеци кој СЈО го имал за да ги состави обвиненијата за сите индици и сите предмети за кои Катица Јанева сметала дека има основа да се процесуираат понатаму.
– На целата јавност и е јасно дека СЈО функционираше како општински комитет на СДС. Класична партиска експозитура. Мораа да монтираат и да креираат случаи бидејќи политичката насока беше јасна. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде оцрнето и треба граѓаните да стекнат впечаток дека сите се исти како Зоран Заев, кој е два пати аболициран за тежок криминал, а во моментов одговара и за барање на поткуп. СЈО доби тешка задача. Мораше да конструира предмети врз основа на изнудени искази и незаконски прибавени монтирани случаи. Мораше да нуди пари за лажни сведочења и да им се заканува на поединци како би добиле било што, против било кого од ВМРО. Мораше да реализира политичка хајка и да се обиде истата да ја сокрие во правните лавиринти, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека колку и да било непрофесионално, селективно и необјективно постапувањето на СЈО, нивниот рок за покренување на обвиненија завршил и секој чекор надвор од овој рок и надвор од законските овластувања е кривично дело.
– За криминал се одговара. Правната држава ќе се врати и одговорност ќе има во оној момент кога народот ќе го казни Заев за антидржавните политики што ги води. Одговорност мора да има и ќе има. Таа е индивидуална. Доколку некој одлучил да работи спротивно на закон само за да му излезе во пресрет на Заев, треба да знае дека таквата одлука има ризик и има цена. Доколку некој реши надвор од закон да конструира случаи само за да му обезбеди на Заев и СДС димна завеса од која не би се виделе нивните политики, треба да знае дека таквата одлука повлекува и санкции. СДС креира хаос и безредие. СДС предлага неуставен закон за двојазичност, потпишува штетен договор со Бугарија и секојдневно ја задолжува државата. Затоа им треба и СЈО и нивното политичко делување. Важно е граѓаните да се занимаваат со нешто друго и да не гледаат што прави Заев. Тоа е улогата на Катица Јанева. Да создаде димна завеса на Заев. За ваквото делување се одговара, рече Ѓорѓиевски.
Тој рече дека медиумите вчера излегле со информација по налог на СЈО дека е приведен Љупчо Павлески, кој се сомничел во истражна постапка, за поседување на нелегално стекнати прислшкувани разговори.
– ВМРО-ДПМНЕ смета дека секој што се огрешил пред законот и работел во спротивност со истиот, треба да одговара за своите дејствија во законска, фер и правична постапка и никако поинаку. Доколку Палевски го прекршил законот, тој за тоа треба да одговара пред ОЈО кое е единствено легитимно и надлежно обвинителство да отвора истраги и покренува обвиненија без било какви пречки. СЈО нема легитимитет да отвора нови постапки. Секое делување во спротивност со тоа е незаконски и ќе повлече кривична одговорност. Судот не смее да дозволи да биде вовлечен во нелегалните игри и интриги на СЈО, бидејќи и тој судија кој ќе прифати да процесуира предмет надвор од законскиот мандат на СЈО, работи неовластено и го крши законот, а за тоа следува кривична санкција и истиот еден ден ќе треба да одговара за своите нелегални обвиненија, заврши Ѓорѓиевски.