Српскиот државјанин кој учествуваше во сообраќајната несреќа во близина на Граничниот премин Табановце ќе се јавува еднаш во месецот во Основен суд Куманово. Нему му се вратени пасошот и личната карта.
– Судија на претходна постапка при Основен суд Куманово, постапувајќи по предлог на бранител на осомничениот Ѓ.Н. од Република Србија за замена на мерка на обезбедување на присуство – мерка на претпазливост на ден 26 јануари, годинава донесе решение со кое делумно го уважи барањето на бранителот на осомничениот, ги укина мерките претпазливост привремено, одземање на лична карта за преминување на државна граница, како и патна исправа, соопшти Судот.
Во информацијата од судот наведуваат дека определената мерка за претпазливост осомничениот да се јавува секој вторник и петок во Основен суд Куманово ја замени со тоа што, тој треба да се јавува секој 15-ти во месецот. Ако е 15 е неработен треба да се јави наредниот работен ден.
Против ваквото решение немаше жалба од ОЈО Куманово и решението е правосилно на ден 30.1.2024 година (вторник), патната исправа и личната карта му беа вратени на српскиот државјанин, велат од кумановскиот Суд.
Претходно СВР Куманово информираше дека во сообраќајната несреќа што се случи на 20 јануари на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20:00 часот, учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.
-Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.
Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б. Т, а со телесни повреди се здобил Ѓ.Н., констатирани во болницата во Куманово.
Од Обвинителството тогаш извршија увид и според нивните првични сознанија, прво настанал судир меѓу автомобилите со македонски национални ознаки, бидејќи едно од возилата влегло на автопат во недозволена насока. Откако жената излегла од автомобилот на неа налетало возилото со српски ознаки. Од здобиените повреди, кумановката починала. Обвинителството тогаш издаде наредба за обдукција на починатата и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои беа хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани биле и траги и материјални докази кои ќе се вештачат.