Европската народна партија (ЕПП), која по четврти пат едноподруго извојува победа на изборите за Европскиот парламент, денеска и официјално честиташе за успешно спроведените парламентарни и претседателски избори во Република Македонија и му го честиташе триумфот на ВМРО-ДПМНЕ, на Никола Груевски и на Ѓорге Иванов.
Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, е констатирано на денешното политичко Собрание на ЕПП, каде во име на владејачката партија, која е дел од европските демохристијани, присуствуваше и пратеникот во македонското Собрание, Влатко Ѓорчев.
Според Ѓорчев, честитките за изборите во Македонија, денеска пристигнале директно од претседателот на ЕПП, Жозеф Дол.
-Претседателот Дол, директно пред присутните му честиташе на ВМРО-ДПМНЕ, на премиерот Груевски и на претседателот Иванов за остварениот резултат на предвремените парламентарни, како и на претседателските избори во Македонија. Исто така, тој нагласи дека изборите во Македонија биле солидно спроведени и дека поминале во најдобар ред. Според Дол, резултатите се тие што кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира и новата Влада, истакна пратеникот Ѓорчев во изјава за МИА.
Денеска, ЕПП, први од новиот состав на Европарламентот, формираа и пратеничка група која ќе биде составена од 222 европратеници, со што за 33 пратеници се повеќе од второпласираната Партија на европските социјалисти и демократи (ПЕС).
Главна тема на денешното редовно Собрание на ЕПП беа европските избори, при што беше поднесен детален извештај од гласањето во сите земји на Европската унија и се анализираа резултатите од изборите. Притоа, се согледаа состојбата во однос на формирањето на Европската комисија и изборот на идниот претседател на ЕК и се говореше за идното функционирање на Европската народна партија во Европарламентот, преговорите со социјалистите, либерал-демократите и останатите политички партии во европскиот законодавен дом, односно се што овој преоден период ќе треба да го донесе до конститутивната седница на ЕП на 1 јули.
Пратеникот Ѓорчев вели дека за време на политичкото Собрание на европските партии десно од центарот, тој добил голем број честитки од претставниците на другите политички партии од Европа.
-Добро е што ВМРО-ДПМНЕ, како дел од структурите на ЕПП, има свои пријатели во Европа што ни честитаат, но и не поддржуваат во нашата работа и ги споделуваат заедничките политики на десниот центар што ги имаме и во Македонија и во Европа. Исто така, денеска е прв ден откако новите европратеници почнаа да доаѓаат и добро е што голем дел од луѓето што досега ја поддржуваа Република Македонија во Европарламентот, ќе продолжат да го прават истото и во наредните пет години, наведува Ѓорчев.
Според пратеникот во македонското Собрание, на маргините на денешното Собрание на најголемата политичка партија во Европа, станало збор и за бојкотот на парламентот од страна на СДСМ во Македонија, при што никој немал поддршка за делувањето на социјал-демократите во нашата земја.
-Бојкотите никој не ги поддржува и тоа едноставно не е европска пракса. Она што СДСМ треба да го разбере е дека е невозможно да најдат луѓе што ќе го оправдаат тој нивен чекор и како ќе минува времето, така се повеќе нивната позиција на бојкотирање на институциите и омаловажување на македонските институции, нема да помине ниту во Македонија, ниту во странство, констатира Влатко Ѓорчев.