Гевгелискиот Центар за јавно здравје годинава набави 550 вакцини против грип, од кои стотина ќе бидат наменети за пациентите од Невропсихијатриската болница во Негорци, поради специфичноста на болните кои се сместени во таа установа ,информира денеска епидемиологот д-р Саше Олумчев.
– Вакцинирањето против грип кај нас почна во понеделникот. До овој момент на територијата на општина Гевгелија немаме регистрирано болен од грип и покрај тоа што годинава присуството на грип во земјава подрани. Вакцинирање со зголемен интензитет очекувам од почетокот на наредната недела затоа што интересот е голем особено од страна на пациентите од ризичните групи,кардиоваскуларни,асматични и белодробни болести,како и лицата со намален имунитет, рече д-р Олумчев.
Цената на вакцината изнесува 400 денари и доколку се појави потреба, подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија ќе набави дополнителна количина вакцини против сезонски грип.