Директорот на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија во одбрана на скромниот извештај за работа на јавната општинска установа за 2012 година, при расправата по материјалот на шестата седница на Советот на општината, одговори дека минатата година во библиотеката имало само двајца вработени: директорот и курирот-чистач.
Тоа беше причина пред советниците да се најде штур материјал за сработеното, од кои, освен наводите на областите што ги покрива библиотеката со својата основна дејност, не беа изнесени нумерички податоци за бројот на обновениот книжевен фонд, бројот на издадените дела од роднокрајната дејност, соработката со НУБ и другите библиотеки во земјава, активности за популаризација на книгата.
Од периодичните изданија библиотеката спаднала на само еден дневен весник („Вечер“), а редуцираните кадровски можности предизвикале застој во електорнската обработка на книгите во системот COBISS, се вели во извештајот.
Советничката Јованка Костова од СДСМ не се согласи со ваквата денешна состојба со градската библитека посочувајќи дека „библиотеката Гоце Делчев од своето постоење досега е огледало на културата во нашиот град“.
Марија Костадинова (СДСМ) се интересираше зошто е затворен клонот на библиотеката во Миравци, каде што на располагање беа 13.000 книжевни наслови, од кои делот за лектира е преселен во училишната библиотека во Миравци, но хендикепот останува за повозрасните читатели, кои немаат можност да ги користат другите книжевни наслови.
Борче Хаџи-Николов од ВМРО-ДПМНЕ направи забелешка за кадровската неекипираност во библиотеката со асоцијацијата дека „вработените во библиотеката ми личат како улични свирачи, кои чукаат и џез, свират и гитара, а во устата имат усна хармоника“, алудирајќи на неколкуте работни задачи што треба да ги извршува еден вработен.
Градската библиотека во Гевгелија е отворена во далечната 1910 година, најпрво како градско читалиште, за подоцна во 1945 година да прерасне во Народна библиотека, а денеска како јавна општинска установа располага со 85.000 книжевни наслови, монографски публикации, од кои 13.000 се наменети за деца.
Современиот електронски COBISS систем, иако е започнат пред пет-шест години и обработени се 4.500 наслови, сè уште е во мирување поради пензионирањето на двајцата единствено обучени библиотекари за внес на елекронските податоци за книжевниот фонд.
„Во повеќекратното барање за добивање согласност за нови вработувања, Министерството за финансии минатата година одобри согласност за вработување на еден помошник-библиотекар во клон Миравци, а оваа година одобри две работни места: помошник-библиотекар и библиотекар“, се вели во извештајот.
Вработувањата се извршени на почетокот од 2013 година, вели директорот на библиотеката Драги Хаџи-Николов, но дел од нив заминале на породилно боледување.
И, така, во библитеката, пак работат „двајца без тројца“.
А.Д.