Германски експерти од Федералната криминалистика (Bundeskriminalamt) деновиве пристигнуваат во Северна Македонија за да ја помогнат истрагата околу несреќата во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.
-Утрово е потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово, соопшти владината прес-служба.
Станува збор, како што посочуват од Владата, за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт или Федералната криминалистичка полиција чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, днк анализи, електронски истраги и идентификација.
Во специјалните задачи кои ги работи БКА е и тим кој работи на истраги со жртви во катастрофи и несреќи. Станува збор за институција која во Германија има 60-годишна традиција на дејствување, со околу 7.000 вработени.
Тимот експерти ќе соработува со МВР и ќе ја помага истрагата која ја води ОЈО, велат од владината прес-служба.