Коалицијата „ВМРО за Македонија“ вечерва на прес-конференција во Гостивар претстави делови од предизборна програма за предвремените парламентарни избори на 11 декември и ги повика граѓаните да гласаат за изборната листа број 9.
За лидерот на ВМРО-НП Георгиевски најважни се евроинтеграциите и членството во НАТО, кое значи сигурност и трајна безбедност. ЕУ, кажа тој, е економски прогрес и спречување на егзодусот на младите.
– Никој од главните политички партии на овие избори не зборува за интеграциите во НАТО и ЕУ. Значи ли тоа дека тие немаат сила, идеи знаење и визија да ја внесат Македонија во овие структури. Влезот ќе биде кохезиран фактор и ќе ги обедини сите, а притоа ќе имаме и поголема сигурност. Недопустливо е за секој одговорен политичар да не зборува за еворинтеграциите на оваа држава, рече Георгиевски.
Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошковски нагласи дека во оваа коалиција имаат решавање на проблемите со иселувањето на младите.
– Имаме јасна визија и програма како да ги решаваме проблемите денес и како ќе ја градиме иднината. Доколку се вратат оние што сега работат во странство ние ќе им обезбедиме половина од платата што ја добиваат во Лондон, Кпенхаген, Брисел.Тоа ќе се прави со посебни средства од буџетот, бидејќи тоа е проверен модел и може да функционира, рече Бошковски.
Стојанче Ангелов од Достоинство ја побара поддршката на гостиварци ветувајќи дека доколку тие влезат во Собранието ќе иницираат попис за да се види колку луѓе останаа во Македонија.
– Тоа нема да биде за да видиме колку сме Македонци, а колку Албанци, туку за да се отпочне дијалог и да создадеме држава еднаква за сите, рече Ангелов.
Носителот на листата во ИЕ 6 на Коалицијата „ВМРО за Македонија“, Зоран Велковски побара поддршка од граѓаните на Гостивар на 11 декември.