Коалицијата „ВМРО за Македонија“ на вечерашниот предизборен собир во Прилеп ги претстави своите кандидати и заложби пред граѓаните.
Според претседателот на ВМРО – Народна партија и носител на листата во четвртата изборна единица Љубчо Георгиевски, на граѓаните и на Македонија им треба трета опција.
– На Македонија и треба демократија како никогаш досега во изминатите 25 години, и треба трета опција. Трета опција е неоходна зашто последните две и пол години двете најголеми партии посеаја голема омраза, страв и реваншизам. Во нивната битка, Македонија губи и тоне на економски и меѓународен план. ДПМНЕ и СДСМ се зрели за народот да ги казни, истакна Георгиевски.
Тој побара доверба од граѓаните за 20 – 25 пратеници што е, рече, потребно за да се врати демократијата во земјата. – Ние знаеме како функционираат државата и владата. Ако граѓаните ни ја дадат довербата на изборите, уште првиот ден ќе има резултати. Првиот резултат ќе биде слобода и демократија за секој граѓанин, подвлече Георгиевски.
Коалицијата „ВМРО за Македонија“, додаде, е гаранција за демократијата. – Слободата и демократијата се основа за решавање на сите проблеми: независно дали се мултиетнички, дали е блокадата на меѓународен план, дали е економијата или бегството на граѓаните од земјава. Дајте ни доверба и повторно ќе живеете во слободна Македонија, порача Георгиевски.
Претседателот на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошковски потенцира дека коалицијата „ВМРО за Македонија“ ќе и го врати достоинството на татковината. – Ветуваме дека и на економски и на социјален и на здравствен план ќе ги вратиме гордоста и достоинството во Македонија. Државата ќе ја кренеме на нозе зашто на Македонија и треба „ВМРО за Македонија“, рече Бошковски.
Стојанче Ангелов, претседател на партијата „Достоинство“, вети држава еднаква за сите граѓани. – Бараме целосна децентрализација на Македонија, ќе инсисатираме целосно да се расчисти случајот „Диво насење“, ќе донесеме закон за бранителите со даночни олеснувања, обесштетување на семејствата на бранителите, рече Ангелов.
На предизборниот собир во Прилеп, коалицијата ги претстави носителите на листите во сите изборни единици.