Габер-Дамјановска контра одлуката на Уставен за Законот за навреда и клевета

Од:

Уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска изнесе издвоено мислење по однос на одлуката на Уставен суд да не ја прифати иницијативата за оспорување на установноста на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Иако мнозинството судии одлучија спротивно, Габер-Дамјановска смета дека може да се постави прашањето за уставноста на овој Закон затоа што Собранието го донело со просто мнозинство иако содржи одредби кои ги уредуваат судските постапки. Според Уставот постапките пред судовите се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

„Од содржината на одредбите од Глава 4 на Законот со наслов Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штета, како и од други одредби во Законот кои упатуваат на судот како да постапува при решавањето на предметите, неспорно произлегува дека тие одредби de facto се од процесна природа и ја уредуваат постапката пред судот кога се одлучува за клевета и навреда. Од стенограмот на 45 тата сединица на Собранието на Република Македонија одржана на 12 ноември 2012 година, се гледа дека Законот бил донесен со просто, а не со двотретинско мнозинство на гласови, како што налага Амандман XXV на Уставот, поради што сметам дека основано може да се постави прашањето за уставноста на неговата целина од аспект на неговото донесување“, смета судијката.

Иницијативата за оспорување на Законот во целина и на поединечни одредби беше поднесена од страна на неформална граѓанска коалиција под името „Фронт за слобода на изразувањето“. Судот се поризнесе за предметот и ја отфрли иницијативата минатиот месец. Во образложението на Уставен стои дека Законот е материјален, а не процесен, и дека одговорноста за навреда и клевета се утврдува во граѓанска постапка пред судовите која е уредена со Законот за парнична постапка.

Судиите едногласно одлучија да не се поведе постапка за оценување на уставноста за дел од одредбите на Законот. Во издвоеното мислење Габер-Дамјановска посочува дека правилната примена на овие одредби ќе зависи од праксата на судовите.

„Примената на законот никако не би требало да доведе до непожелниот ефект на самоцензура на новинарите и медиумите заради избегнување на можни ригорозни правни последици, бидејќи со тоа се угушува критичкото новинарство и се губи суштината на одвивање на демократската дебата во секое општество. Јавноста во секоја држава има право да знае и да добие веродостојни информации, особено кога се во прашање теми од поширок, но и круцијален јавен интерес. Домашниот Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда ги поставува основите за нов концепт на граѓанска одговорност за навреда и клевета, но неговото вистинско оживотворување мора да се одвива преку примена на добрата пракса во судските одлуки кои се однесуваат на оваа материја, особено оние на Европскиот суд за човекови права“, смета таа.

Сепак, според судијката, противуставен е членот од Законот кој предвидува имунитет доколку изјавата е дадена во работата на Собранието на Република Македонија, во работата на советите на општините и градот Скопје, во управна или судска постапка или пред Народниот правобранител, освен ако тужителот докаже дека е дадена злонамерно. Габер-Дамјановска смета дека вака формулираната одредба е спротивна со член 64 став 2 од Уставот.

„Материјалниот имунитет, обезбеден преку слободата на мислење и говор на избраните претставници на народот е особено важен за едно демократско општество. Примарно, сметам дека вака формулираната одредба и покрај оградата “освен ако тужителот докаже дека е дадена злонамерно“ е во спротивност со член 64 став 2 од Уставот. Овој став го заштитува пратеникот од кривична одговорност и/или притвор за искажано мислење, но сметам дека во овој случај заштитата и од граѓанска одговорност е субсумирана во суштината на оваа уставна заштита, бидејќи вредноста што во овој случај треба да се заштити е апсолутниот имунитет во слободата на говорот во законодавниот дом за прашања од јавен интерес. Сличен пристап сметам дека треба да важи и за советниците во општините и Градот Скопје, во управна или судска постапка или пред Народниот правобранител, кои го изразуваат своето мислење во функција на работната должност за која се избрани или ја обавуваат“, пишува Габер-Дамјановска во своето издвоено мислење.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО