Г.г. Стефан во Тетово: Да размислуваме за христијанските придобивки

Од:

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше со светата архиерејска литургија што по повод празникот Источен петок – Балаклија се одржа денеска во црквата „Света Богородица“ во Тетово.

На одбележувањето на празникот посветен на пресвета Богородица што се прославува на првиот петок по Велигден учествуваше и митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф, повеќе свештенослужители од тетовското намесништво на МПЦ – ОА, како и голем број верници.

Пред присутните г.г. Стефан порача да размислуваме за христијанските придобивки и со нашиот живот и нашите дела да потврдуваме дека воскресението живее и во нашите души и оти сме народ на верата и на Бога.

– И ние самите, но и другите забележале дека сме добродушен, кроток и гостопримлив народ. За други сме подготвени да дадеме се што имаме и лебот од устата што вели народот да го поделиме со други. Од кај нас во Македонија гладен и жеден никој не си отишол. За други сме подготвени да дадеме и она што за себе малку имаме. Тоа веројатно е најмногу поради христијанското во нас, поради евангелското во душата на македонскиот човек. Но, има и нешто за кое треба да се прашуваме зошто е така, бидејќи сосема сме други кога се во прашање меѓусебните, македонски односи и работи, рече г.г. Стефан.

Ништо меѓу нас или многу тешко, посочи, ги договараме и решаваме работите, па дури и оние што се од национален и државен интерес.

– Дури и за духовните, црковните работи кога расправаме најпрвин го гледаме личниот, партискиот, а не заедничкиот интерес, го гледаме личното и сегашното убедување, а не она што е вековно присутно и меѓу нашиот народ и меѓу поголемиот број цивилизирани народи. На Македонија ако и го одземеме или непризнаеме христијанското што ќе остане од неа. Ако имаме нешто со што може да се гордееме, тоа е нашето духовно, христијанско наследство и затоа ќе прашам зошто некои се противат на задолжителното воведување на веронауката и на можноста младите генерации да ја знаат верата на нашите постари, да знаат што е ова што е создавано на христијански основи во Македонија, рече г.г. Стефан.

Во рамки на одбележувањето на празникот верниците се поклонуваа пред иконата на пресвета Богородица и според традицијата оставаа црвено велигденско јајце. Согласно црковните обичаи, во дворот од црквата митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф ја освети водата од која земаа верниците за здравје.

Би можело да ве интересира

Нов портпарол на Синодот ќе биде епископот Хераклејски г. Климент

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите