Г.Г. Стефан: Кога ќе се реши името, и СПЦ ќе не признае!

Од:

Македонската православна црква Охридска архиепископија-МПЦ ОА денеска во преспанско-пелагониската епархија во Битола го одбележа големиот црковен празник „Собор на сите македонски светители“.

На црковниот собир во Храмот „Св. Димитрија“ чиноначелствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан кој во сослужение со членовите на Светиот архиерејски Синод на МПЦ ОА, одржа Света архиерејска божествена литургија.

– Празникот е во чест на сите македонски светители, и е востановен во спомен на вториот црковно народен собор одржан во 1958 година во Охрид. Тоа беше историски Собор на кој е возобновена Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и тогаш беше избран Доситеј за прв поглавар со титула архиепископ охридски-македонски митрополит скопски, истакна поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан.

За време на денешниот престој во Битола архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан јавно посочи дека отсуството на МПЦ ОА од настаните посветени на 1.700 години од Миланскиот Едикт што се одржуваат во Србија е на товар на совеста на православието и православните цркви, но фактите говорат дека нашата црква постоела и ќе постои.

– Нашето отсуство е на совест на православието на православните цркви, а ние како православна црква минатата седмица го одбележавме тој настан – 1.700 години од Миланскиот Едикт и 1.150 години од почетокот на Моравската мисија. Верувам дека на сите им е позната причината за нашето отсуство, станува збор за неприфаќање на нашата света црква, но фактите говорат дека ние постоиме, дека нашата Црква постоела а очигледна е и иднината на нашата света црква затоа што Охридската архиепископија е вековна црква на овие простори, била мајка на повеќе цркви од повеќе цркви од нашето опкружување, а денес таа не е прифатена повеќе од јасно зошто, предочи г.г. Стефан.

Според архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан кога ќе се надмине спорот што го има Република Грција со името на Република Македонија верува дека проблемите во православната црква ќе бидат надминати. Митрополитот г. Петар истакна дека на собирот во Србија освен МПЦ ОА не била поканета ниту Романската православна црква како значајна црква. – Затоа сите помесни православни цркви треба да се запрашаат зошто нешто не е во ред со православието особено по прашањето на национализмот кој е најголемата пречка за да православието биде првата христијанска вера во светот, нагласи митрополитот г. Петар.

На новинарско прашање во врска со зачестените кражби на икони и последниот случај со украдените 41 икона од црквата „Св.Преображение“ во битолското село Гопеш, митрополитот г. Петар посочи дека најдобра заштита за сите икони е да се соберат и изложат во еден црковен Музеј, бидејќи кражби имало и ќе има во сите епархии.

– Ова е момент кога сите црковни одбори, посебно во селата треба да сватат дека таму каде што нема соодветни услови за заштита на овие споменици на културата, да ги отстапат иконите, да ги ставиме во депоа се додека не се обезбедат услови да формираме црковен Музеј каде ќе бидат изложени сите икони и други сакрални предмети. Апелирам црковните одбори да не прават отпори на нашата иницијатива бидејќи ние не им ги одземаме иконите, туку ќе создадеме услови за подобра заштита. Украдените икони најчесто завршуваат во приватни збирки, а за сметка на тоа крадците добиваат големи пари. Според нашите сознанија 90 насто од украдените икони преку Албанија и други канали завршуваат во нечии приватни колекции, одговори митрополитот на преспанско-пелагониската епархија г. Петар.

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски Синод на МПЦ ОА денес во Нова Битола го посетија Храмот во изградба „Собор на сите македонски светители“ чии темели се поставени пред 20 години.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата