Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан потврди дека е испратена покана до бугарскиот патријарх Неофит и до државниот врв на Бугарија за заедничко одбележување на 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија.
Во изјава за БГНЕС, г.г. Стефан вели дека Охридската архиепископија има значење за сите православни народи и оти очекува заедно да биде одбележан големиот јубилеј.
– Малку институции може да се пофалат со толку долг живот. Охридската архиепископија има значење за сите православни народи. Поради тоа верувам дека оваа годишнина ќе биде одбележана од сите народи кои биле под нејзина диоцеза. Верувам дека на чествувањето ќе имаме гости од соседните народи и од соседните цркви. Испратена е покана до бугарскиот патријарх и до бугарскиот државен врв. Се надевам дека ќе бидат со нас во Охрид, изјави поглаварот на МПЦ-ОА.
Според најавите од МПЦ-ОА, 1000-годишниот јубилеј ќе биде одбележан со црковно-државни свечености во Охрид на 27 и 28 мај.