„ФРОДЕМ најостро реагира на суспендирањето на договорот од „Пржино“ од страна на Емил Димитриев, кој противправно се стави во позиција на времен премиер кој поништува поединечни акти и одлуки. Владата на Република Македонија, согласно Уставот на РМ, и одлуката за распуштање на парламентот е во оставка. Тоа значи дека таа врши само технички работи се до изборот на новиот парламент и новата влада. Дополнително со ваквото дејствие се прекршува договорот од Пржино со што директно се влошува стабилноста на земјата!
ФРОДЕМ го потсетува Зоран Заев како лидер на опозицијата дека министрите кои се поставени согласно договорот од Пржино не се негови министри, ниту на СДСМ, туку се министри кои произлегоа од големото народно и граѓанско собирање од 17 мај 2015 година. Овие министри и заменици министри се гарантори на елементарната безбедност на граѓаните од режимот, а воедно треба да создадат услови за одржување легални избори. Сите политички тактизирања за оставки на министрите и жалбите за „држење во заложништво на министрите“ ги сметаме за целосно непотребни.
Во оваа прилика уште еднаш сакаме да потсетиме дека дополниелниот технички министер на МВР, М.Чавков е неуставно и незаконски избран. Полицаец не смее да биде министер на чело на МВР односно мора да има цивилно министерско раководење и контрола врз безбедносните сили. Улогата на други дополнителни министри, како на К.Наумов, е суспендирана затоа што не се почитува неговата несогласност со одлуките за енормното задолжување на земјата донесувани од министерот Ставревски, кои се незаконски.
Уставот на РМ не познава одложено распуштање на Собранието. Парламентот во изминатиот период можеше да донесува само итни и особено значајни одлуки, а не и понатаму да биде законодавец со полн капацитет. Трајко Вељаноски, пред распуштањето на Собранието требаше да го распише и денот на изборите. По денот на распуштањето тој веќе нема функција претседател на Собранието и неговиот потпис правнички не значи ништо.
На сите ни е јасно дека Груевски се плаши од легални, фер и демократски избори и дека услови за такви избори не се создадени! Изборите од 2011 наваму се целосно спорни во легална и демократска смисла! Преземената обврска за прочистување на избирачкиот список како и досегашните преговори за слободата на медиумите по навика се третираат како „тоалетна хартија“. И затоа и департизацијата на државата стана една голема затоа ролна „тоалетна хартија“!
Режимот секојдневно врши политичка, правна и економска репресија врз граѓаните. ФРОДЕМ укажува дека целокупната ситуација секојдневно се влошува и ако вака продолжи или ескалира голем број од граѓаните ќе почнат да расмислуваат да бараат азил“, соопштуваат од ФРОДЕМ.