„Единствената реченица со која во изминативе 11 години се сложивме со Груевски е дека периодот на конструктивноста е дефинитивно завршен. Значи Груевски, кога не те гонат и кога не покренуваат обвиненија кон тебе ти си конструктивен, се пазариш и плаќаш дебели пари за лобирање кај тие кои постојано ги критикуваш. А кога се бара твоја одговорност веднаш се нервозен и сите ги малтретираш да станат неконструктивни.
ФРОДЕМ го осудува антидемократското и антиделовничко однесување на пратениците на Груевски во Собрането на Република Македонија. Формирањето на десет пратенички групи е груб обид за попречување на парламентарната процедура и демократија и уставниот поредок. Ги повикуваме пратениците да се изјаснат дали имаат потпишано било какви документи, меници и слични манипулативни, противправни акти кои немаат никаква практична, правна вредност во демократски, правен поредок. Ги повикуваме истите да ги третираат како безвредни хартии, како неуспешен обид за нивна контрола и уцена. На пратениците им е загарантирано правото на одлучување во парламентот согласно личното уверување. Секое загрозување на ова право е противуставно и повлекува одговорност од секаков вид.
Со оглед дека формирањето на 10 пратенички групи е сегментирање на политичкиот субјективитет на ВМРО-ДПМНЕ, ФРОДЕМ до надлежниот суд ќе достави барање за проверка на единственоста на политичкиот субјективитет на партијата. Ако нема de jure промени, а во пракасата de facto партијата настапува сегментирано, тогаш ФРОДЕМ ќе покрене иницијатива за свикување вонреден конгрес на кој ќе се расчисти и со партискиот субјективитет и со криминалните предавници. На вонредниот конгрес ќе се расправа за воведување внатрепартиска демократија и враќање на законитоста во работењето на партијата. Истовремено, за новиот претседател на партијата ќе се воведе психолошки тест, тест за интегритет и секако пристоен просек од факултет. Исто така, во интерес на јавноста ќе побараме и изјава за сексуална определба и за семејно потекло. Јавноста има право да знае кои личности ја водат партијата и државата и кои се нивните определби и потекло. Воедно го повикуваме Груевски да се изјасни по овие прашања. Освен ако не планира да се повлече.
ФРОДЕМ го повикува Претседателот на Собранието, Џафери, доколку се соочи со блокирање на парламентарната работа, односно со уставниот поредок, да ги отстрани пратениците кои тоа го попречуваат. На 24 декември 2012 година бевме сведоци како се отстрануваат пратеници кои попречуваат парламентарна работа. Не видовме некои последици. Истовремено, на 24 декември 2012 целосно непотребно, насилно, противправно беа отстранети новинарите од своите работни места. За нивното отстранување не видовме истрага. Повикуваме надлежните органи веднаш да ја покренат. Слободата на информирање по никоја цена не смее да биде загрозена. Цензурата е забранета“ се вели во соопштението на ФРОДЕМ.